• вторник, 26 ноември 2024

Над 4.000 решенија за присилна наплата за данок на имот изготви Општина Штип

Над 4.000 решенија за присилна наплата за данок на имот изготви Општина Штип

Штип, 25 јануари 2024 (МИА) - Општина Штип изготви вкупно 4.024 решенија за присилна наплата на данок на имот. Од вкупната бројка, 3.020 се однесуваат на неплатен данок на имот од физички лица, а 1.004 се за неплатена фирмарина, односно данок на имот од страна на правни лица.

Раководителот на Одделението Драган Каров денеска изјави  дека  Општина Штип кај правните субјекти има проблеми во однос на доставата.

-Решенијата за присилна наплата од претходната година се доставени, но кај фирмите и ние имаме проблем со доставата, со адресите на определени фирми, со гаснењето на фирмите и во тој дел потешко оди доставата, но ги правиме сите напори да биде и таму регулирана доставата и она што не е платено, да се наплати со присилна наплата, вели Каров.

Каров апелираше физичките и правните лица да го плаќаат данокот на имот, кој се задолжителен и посочи дека овие средства се враќаат преку проекти кај сите. Праксата покажува дека наплатата најчесто се врши на крајот на годината, но добро е и кога обврските се подмируваат тековно.

-Бидејќи овие средства претставуваат дел од основниот буџет на Општината, за реализација на основните проекти кои се планираат на почетокот на година, важно е граѓаните ова да го прават во текот на годината, со што би овозможиле основните проекти да се реализираат навремено и точно, изјави Каров.

Инаку наплатата на данок на имот за 2023 година е за седум отсто поголема од планираното, имајќи ги предвид и заостанатите долгови, а од тековните решенија за истата година се наплатени околу 65 отсто.

Минатата година мерката присилна наплата беше применета на околу 2.000 физички и правни лица. вдј/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан