• среда, 25 декември 2024

Над 100 дела со мотиви од македонски села на изложбата од Панде Петровски во КИЦ-Скопје

Над 100 дела со мотиви од македонски села на  изложбата од Панде Петровски во КИЦ-Скопје

Скопје, 13 јули 2023 (МИА) - Со техниката која што ја употребувам, единствен сум во земјава кој на оргинален начин ја презентира македонската стара куќа, вели ликовниот уметник и педагог од Битола, Панде Петровски, кој, вечер од 20 часот, во Културно информативен центар, КИЦ-Скопје ќе ја приреди својата 38. самостојна ликовна изложба со мотиви од македонски села „Срце – куќа најширока“.

Станува збор за над 100 ликовни творби со самостојни или автонономни белези, стари селски куќи кои сведочат за архитектурата на старата македонска куќа.

-Изложбата е поместена во двете галерии на КИЦ-Скопје, а ќе ја отвори академскиот сликар Васко Ташковски. Цртежите ги работев низ многу македонски села, во охридскиот регион во Црвена Вода, во Вевчани, во преспанскиот регион во Љубојно, во демирхисарскиот и битолскиот регион, вели во изјавата за МИА, ликовниот уметник Петровски во пресрет на вечерашното отворање на изложбата во КИЦ-Скопје.

Панде Петровски (84) е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Друштвото на ликовните уметници на Битола и редовен член на Македонскo научно друштво-Битола.

За своето ликовно творештво презентирано во земјава и странство, Петровски добил бројни награди и признанија, а годинава НУ Центар за култура-Битола го награди со плакета за особен придонес во развојот на државната изложба, народната култура – трајна инспирација. мт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан