• среда, 25 декември 2024

Наградата „Даница Ручигај“ врачена на тетовската поетеса Славица Дабевска Ќировска

Наградата „Даница Ручигај“ врачена на тетовската поетеса Славица Дабевска Ќировска

Тетово, 5 март 2024 (МИА) - Годишната награда „Даница Ручигај“, која се доделува на најдобрата поетеса во земјава, оваа година и припадна на тетовската поетеса и прозна писателка Славица Дабевска Ќировска за нејзината книга песни „Плетенка“. По тој повод, а и во пресрет на Денот на жената 8-ми Март, оваа највисока поетска награда свечено ѝ беше доделена во НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“, во организација на НУ Библиотека „Кочо Рацин“ од Тетово.

-Станува збор за поетска збирка од 48 песни во кои, во кротките сништа на поетесата шепоти мигот на вечноста, светнува надеж, животот што мина во трагање низ расцветаните алеи во мирисната градина на „Плетенка“. Редејќи ко слики на филмското платно, поетесата не води во висина на сјајот на ѕвезденото небо, така од тие божествени далечини се обидува да дознае како ли изгледа дамата на стихови за која сонува и броди во тесен вакуум да издига свет во кој е дојдена и зошто пред нас и ѕвездите молчат за она што тие добро го знаат“, вдахновено, кажа  Лерка Тот-Наумова, рецензентка на книгата песни „Плетенка“.

Наградата „Даница Ручигај“, посветена на првата македонска поетеса, на Славица Дабевска Ќировска и ја врачи претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Христо Петревски.

-Славица Дабевска Ќировска ја заслужува оваа награда, не само за оваа книга туку и за нејзиниот претходен ангажман, за претходните нејзини книги. Таа е познато име, не само во Тетово и не само во Македонија. Има добиено награди и надвор од Македонија, но она што е најбитно таа е една од најсериозните поетеси и писателки во Друштвото на писатели на Македонија која што работи многу сериозно на планот на поезијата и прозата. Јас лично очекувам од неа во иднина да пишува и за деца, затоа што таа цел живот работи со деца и мислам дека допрва ќе читаме приказни, бајки, текстови за сликовници и слично, истакна Петрески.

Поетесата Славица Дабевска Ќировска се заблагодари за добиената награда и пред присутните прочита дел од песните објавени во нејзината наградена книга.

-Денес е празничен ден, сонцето денес поинаку не огреа. Светол е овој ден за една кревка душа која струганици на хартија остава, во душа вивнува и стихови запишува. Секој збор што ќе го кажам е премалку, грамадноста ја чувам во себе, ви благодарам што одвоивте време да дојдете и да ја споделиме оваа огромна радост, радост која што срони солзи уште од октомври, па чинам веќе нема ни толку вода во океаните, емотивно им се обрати поетесата Дабевска Ќировска на присутните.

Книгата песни „Плетенка“ е петта по ред книга со песни и стихови на Славица Дабевска Ќировска, која до сега има објавено и два романи. ас/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан