• среда, 25 декември 2024

Наградата „Антево перо“ за 2023-та за стихозбирката „50 испеани приказни“ на Александар Русјаков

Наградата „Антево перо“ за 2023-та за стихозбирката „50 испеани приказни“ на Александар Русјаков

Скопје, 15 август 2023 (МИА) -  Стихозбирката „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков ја доби наградата „Антево перо“ за 2023 година. На конкурсот за наградата годинава пристигнале 73 стихозбирки, а покрај наградената поетска книга, во потесен избор за наградата биле и „Монолог на пирејот“ на Љубинка Донева, „Болопадание“ на Милена Сиљаноска, „Сновиденија“ од Кирил Ангелов, „Координати на болката“ од Александра Спасеска и „А што да речам“ на Томе Липовски. 

Одлуката за наградата едногласно ја донесе жири во состав: проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска (претседател) и д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови). Жирито соопшти дека е задоволно од одличниот одѕив на конкурсот и дека 73-те стихозбирки биле со најразличен поетски израз, квалитети и трендовска и жанровска разноликост.

За наградената стихозбирка наведува дека нуди „малку поинаква поетика“ и дека „ерудитивноста на Русјаков и неговите широки познавања на уметноста во сите нејзини форми и карактеристики создава една синкретична поезија“. 

-Во оваа поезија во проза, која понекогаш се движи по рабовите на овој вид, се менуваат во свеста на читателот филмски кадри од надреалистички поетски слики од секојдневието и животот на еден длабок доживувач на реалноста. Тие кадри ја менуваат техниката наизменично и прикажаното преминува во анимиран филм во црно-бела техника каде секој кадар е нацртан рачно и во секоја линија се гледа пораката што поетот сака да ни ја пренесе. Во оваа поезија има многу за љубовта, но таа љубов е лишена од тривијална патетика...Со оваа поезија, Русјаков соопштува универзални, но важни поетски пораки доближувајќи се до ѕвездените корени на Анте Поповски во кои секоја песна се раѓа и вечно живее, оценува жирито. 

Наградата „Антево перо“ се состои од печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори. 

Жирито реши да додели и две награди „Антев златник“ за 2023 година  - на Милена Сиљаноска за стихозбирката „Болопадание“ и Александра Спасеска за стихозбирката „Координати на болката“.

За поезијата на Сиљаноска наведува дека „претставува освежување во македонската книжевност - песните од оваа збирка, со својата баладичност и лиричност, промовираат поетски тон на една топла меланхолија“, а збирката на Спасеска, пак, како што посочува жирито  „ни претставува кратки и јасни стихови во модерен манир кои имаат традиционален призвук и оддаваат почит на македонските поети и нивната поезија“.

Со одлука на жирито, наградата „Антев часовник“ за млади, талентирани поети  ѝ се доделува на Светла Јакшиќ за стихозбирката „Ноќен суфлер“ која „со својата младешка свежина на поетскиот израз никого не остава рамнодушен“. хс/дма/

Фото: Организатор на конкурс за наградата „Антево перо“

 

 

 

Остани поврзан