• недела, 15 декември 2024

Муцунски: Фрчкоски сторил штета од шест цифри во евра, информациите се многу загрижувачки

Муцунски: Фрчкоски сторил штета од шест цифри во евра, информациите се многу загрижувачки

Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - За поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски имаме сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства. Индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра. Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Спроведена е внатрешна постапка во МНР, информациите кои стигнаа до мене се навистина многу загрижувачки. Ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а понатаму ќе имаме обврска, да ги информираме релевантни институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност, рече денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. 

Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во МНР, Муцунски напомена дека вакви ситауции не смеат да се повторуваат и најави максимално почитување на Законот за надворешни работи.

-Треба да му биде секому јасно дека од тоа што го видов сум загрижен, а се изразувам многу дипломатски кога велам. Вакви состојби не смеат да се повторуваат, посебно кога индициите укажуваат дека штетата е во шест цифри во евра. Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Беше спомнат и терминот тужба, и другата страна ќе има право да приложи свои аргументи и докази. Тоа што го видов е за одредени ноторни состојби, ноторни факти, но секој има право да ги даде своите аргументи, рече Муцунски на прес-конференција.

Што се однесува до најавата на кое било лице дека ќе поднесе тужба против МНР или некој друг, тоа е, истакна Муцунски, негово право.

-Јас тука ништо не можам да спорам, но сум убеден дека откако МНР е раководено од моја страна внимаваме секогаш максимално да се почитуваат законите и процедурите, што, за жал, морам да констатирам, не било пракса додека ова Министерство било раководено од мојот претходник. Најеклатантен пример е последното отповикување на генералниот конзул во Њу Џерси каде лицето било именувано на таа позиција спротивно од одредбите на Законот. Таква пракса не смееме да дозволиме, треба да бидеме репер за почитување на законите, рече министерот.

Муцунски подвлече дека некои дипломати редовно се отповикуваат, зашто им е истечен мандатот, но има и други случаи, како оние со Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди.

-Има различни ситуации, една е онаа со поранешниот амбасадот Фрчковско кого го повикав на консултации, но не дојде и си даде оставка. Тој, по свој избор, веќе не е амбасадор во ОН. Имаме специфична ситуација и со амбасадорите Жернопвски и Мемеди, така да ги именувам, која е се уште во процедура, во комуникација меѓу МНР, Владата и претседателката, а има и ситуации на редовни отповикувања на амбасадори заради завршување на нивниот мандат, рече Муцунски. 

Тој најави дека во најскор можен период ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции, а во 2025 година, целта е да бидат пополнети и сите ДКП-а. мч/цр

фото/видео: МИА

 

 

Остани поврзан