• среда, 29 јануари 2025

Муцунски - Саар: Продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка

Муцунски - Саар: Продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) -  Продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка, биле теми на денешниот телефонски разговор на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со министерот за надворешни работи на Државата Израел, Гидеон Саар.

Двајцата министри, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, дискутирале за  можностите за размена на искуства и знаења во области како образование, здравство, земјоделство, стартап екосистеми, технологија, туризам и култура.

Во текот на разговорот, министрите размениле мислења за актуелните состојби на регионален и глобален план, како и за билатералните односи меѓу двете земји.

Министерот Муцунски, како што е наведено во соопштението, го искористил разговорот за да му честита на Саар за неговиот избор на функцијата министер за надворешни работи на Израел, изразувајќи желба за успешна соработка во иднина. Тој истакнал дека неговото водство доаѓа во предизвикувачки период за Израел.

Муцунски го поздравил и неодамнешниот договор за ослободување на заложници и прекин на огнот во Газа, нагласувајќи го како значаен хуманитарен чекор напред и можност за воспоставување траен мир во целиот регион.

Министерот Муцунски го информирал својот соговорник за одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, нагласувајќи ја важноста на сеќавањето и почитта кон еврејската заедница и нејзиното наследство во нашата земја.

Двајцата министри се согласиле да продолжат со блиска комуникација и соработка во интерес на двете земји, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. дма/

Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан