• недела, 09 март 2025

Муцунски: Невистинити се обвинувањата на Кузеска, да се извини или ќе биде поведена постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот

Муцунски: Невистинити се обвинувањата на Кузеска, да се извини или ќе биде поведена постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски тврди дека постапката за јавна набавка за кровната конструкција на зградата на Министерството е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури. Бара извинување од СДСМ и портпаролката Богданка Кузеска во рок од 24 часа, во спротивно најавува постапка за навреда, клевета и нарушување на угледот. 

-На денешната прес-конференција на СДСМ беа изнесени целосно невистинити информации поврзани со мене како министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и со институцијата со која раководам. Станува збор за лажни тврдења, кои не соодветствуваат со фактичката состојба. Проектот за кровната конструкција е тековно одржување на објектот на Министерството, со единствена цел превенција од натамошни оштетувања и поплавување – проблем што настана како резултат на несоодветното одржување на зградата во изминатите години, кога институцијата беше под раководство на ДУИ и СДСМ. Постапката за јавна набавка е спроведена целосно законски, транспарентно и во согласност со сите важечки правни процедури, пишува Муцунски на својот профил на Фејсбук.

Дополнително, додава тој, манипулативен и тенденциозен обид за политичка дискредитација претставува негово лично поврзување со одлуките на други правни субјекти, вклучително и органи на локалната самоуправа, што, како што вели, е неоснована и злонамерна конструкција.

-Во таа насока, ја повикувам Богданка Кузеска и СДСМ во рок од 24 часа јавно да се извинат за ширењето лажни информации и грубо манипулирање со јавноста. Доколку тоа не се случи, ќе бидам принуден да преземам соодветни правни чекори, вклучително и граѓанска постапка за навреда,  клевета и нарушување на угледот, нагласува Муцински.

Како Министер, додава тој, останува цврсто посветен на принципите на транспарентност, отчетност и законитост. Работењето на институциите, потенцира, мора да биде засновано на факти и докази, а граѓаните имаат право на вистински и проверени информации. сст/нд/

Фото МИА архива

 

 

Остани поврзан