• понеделник, 16 декември 2024

Муцунски за пописот во Албанија: Ќе продолжи комуникацијата со Хасани, целта е да се најде решение

Муцунски за пописот во Албанија: Ќе продолжи комуникацијата со Хасани, целта е да се најде решение

Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во врска со објавените резултати од пописот во Република Албанија, напомена дека во неколку наврати разговарал со неговиот колега, албанскиот министер за надворешни работи Игли Хасани и потврди дека ќе продолжи комуникацијата на тоа ниво. Посочи дека целта е да се најде решение, но да не се мешаме во внатрешните односи на друга држава.

-Јас разговарав во неколку наврати со колегата Хасани кој што беше многу експедитивен во промената на таа грешка „северномакедонци“. Тоа беше оправдано на начин на кој што беше оправдано, но независно од тоа зошто се случило и како се случило, на крај тоа беше експедитивно вратено благодарение на интервенцијата која што тој ја направи врз основа на разговорот со мене. Разговаравме и за суштината поврзана со пописот. Ќе продолжи нашата комуникација на тоа ниво, рече Муцунски во гостувањето на телевизијата Канал 5.

Муцунски посочи дека ова е прашање кое што и премиерот Христијан Мицкоски го споменува во сите негови билатерални разговори.

-Сакаме да се најде решение, притоа да бидеме внимателни да не се мешаме во внатрешните односи на другата држава. Но, би кажал кога имаме вакви ситуации, прво да погледнеме кон себе си, дали ние како држава сме направиле доволно. За жал, од анализата на состојбите во рамките на МНР и од разговорот со амбасадорот Данчо Марковски, без никаков сомнеж констатирам дека немало интерес за помагање, дали тоа било свесно или несвесно, рече Муцунски.

Инаку, Министерството за надворешни работи на Северна Македонија со сериозна загриженост ги нотираше објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година. Од МНР соопштија дека објавените прелиминарни резултати од пописот, за жал, не ја отсликуваат реалната бројка на етнички Македонци во Албанија. бт/

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан