Муцунски: До крајот на неделава ќе се вратат неколку пациенти кои се на лекување во Австрија и во Белгија
- Муцунски најави дека до крајот на оваа недела ќе се вратат неколку пациенти кои се на лекување во Австрија и во Белгија, но потенцира дека тоа ќе се прави согласно медицинските протоколи и без ниту најмал ризик по нивното здравје.

Скопје, 25 март 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека динамиката на враќање на пациентите повредени во пожарот во дискотеката во Кочани кои се лекуваат во странство ќе зависи од нивната здравствена состојба и ќе се утврдува согласно дефинираните медицински протоколи.
-Ние најавивме веќе викендот дека отпочнавме еден сложен процес на репатријација, односно како МНР да го отпочнеме процесот на враќање во државата на тие кои што се повредени, но и на нивните семејства. Веќе првиот координативен состанок заедно со МЗ, СОЗР, ФЗОМ и кабинетот на Премиерот, го имавме викендот. Стручните медицински лица имаат посебен протокол што од наша страна преку нашите ДКП-а е споделен со болниците каде се лекуваат нашите пациенти и согласно тој протокол определуваме кои пацинети кога ќе се вратат, каков ќе биде транспортот. Денес имавме транспорт по сувоземен пат, ќе имаме и авиотранспорт, ќе имаме некогаш во одредени случаи авиотранспорт со редовни линии, можно е да искористиме и специјални авионски линии за дел од пацинетите. Сето тоа се прави во тесна координција помеѓу нас и стручните медицински лица од двете страни - претставниците на странските болници и претставниците на нашиот здравствен систем и заеднички ги договараме сите овие логистички аспекти кои секако не ги запоставуваат и членовите на најблиските кои се присутни со нив, рече Муцунски вечерва во гостување на ТВ Сител.
Тој најави дека до крајот на оваа недела ќе се вратат неколку пациенти кои се на лекување во Австрија и во Белгија, но потенцира дека тоа ќе се прави согласно медицинските протоколи и без ниту најмал ризик по нивното здравје.
Муцунски како дел од Кризниот штаб и шеф на дипломатијата посети повеќе земји во чии болници беа примени и се лекуваа повредени од катастрофалниот пожар во Кочани. Тој вечерва уште еднаш упати искрена благодарност до сите земји кои ни излегоа во пресрет во многу краток период со медицинска и логистичка помош.
-Многу држави ни помогнаа со апсорбција на нашите пациенти во нивните болчници. Но имаше и држави како Израел кој ни помогна со испраќање на специјалисти тука. Би издвоил земји како Романија, Луксембург и Норвешка кои ни упатија специјализирани авиони. Има земји каде нема пациенти но на кои сме им искрено благодарни бидејќи ни помогнаа на еден сигурен и ефикасен начин над сто пациенти да ги упатиме безбедно во странски медицински центри, рече Муцунски.
Тој ги посети Солун, Софија, Белград, Загреб, Виена, Љубљана и Будимпешта и потенцира дека секаде на повредените им била давана врвна медицинска грижа и биле третирани со огромно винамие и почит, вели „како кон свои деца“.
-Солидарноста што ја добивме не беше само на зборови – туку солидарност на дело. Благодарни сме и на нивните влади и на нивните народи што ги отворија вратите и ги примија нашите сограѓани. Веќе размислуваме како Влада да се заблагодариме – затоа што искрено сме благодарни за тоа што го направија, истакна шефот на дипломатијата.
Муцунски потенцира дека светла точка по неописливата трагедија е денешното враќање на првиот од 115-те пациенти настрадани во трагедијата во дискотеката во Кочани кои се третираат во странски болници и младото момче Јован кое херојски се жртвуваше.
Според него, следен голем предизвик е враќањето во нормала на животот во Кочани.
-Треба да размислиме што понатаму ќе направиме за нив, за нивните семејства, но и за Кочани – за градот повторно да живее добри денови, во почит кон тие што таму загинаа, вели министерот. вг/лв/
Фото: МИА Архива