• сабота, 23 ноември 2024

Муцунски во Прага на средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек

Муцунски во Прага на средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од вчера е во работна посета на Прага, Чешка. Во рамките на посетата, тој утрово заедно со министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек, а по средбата имаа свое обраќање на македонско-чешкиот бизнис форум, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

- Средбата со министерот Влчек се фокусираше на одличната економска соработка и интересот за нејзино понатамошно унапредување. Притоа, беше истакната важноста на досегашните состаноци на Мешовитиот комитет по Договорот за економска и индустриска соработка меѓу двете земји, како и размена на мислења за конкретни иницијативи и активности кои ќе придонесат за зајакнување на економските врски, се наведува во соопштението.

Во рамките на Македонско-чешкиот бизнис форум, министрите Муцунски и Божиновска, заедно со чешкиот министер Влчек, ги претставиле можностите за инвестирање во двете држави.

-Презентирани беа иницијативите на македонската влада за подобрување на бизнис-климата, привлекување странски инвестиции и поттикнување на извозот. Дополнително, беа истакнати можностите за економска соработка и инвестициски проекти со цел земјава да стане следна дестинација за странски директни инвестиции, што ќе придонесе за засилено економско партнерство меѓу двете земји, посочуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. дма/са/

Фото: Министерството за надворешни работи и надворешна трговија 

Остани поврзан