Муцунски-Рокас: Потврден заедничкиот интерес за поддршка на реформите и доследна примена на европските вредности и стандарди
- -Изразив задоволство од редовниот и отворен политички дијалог со Европската Унија, како и од континуираната поддршка за реформските процеси во земјата - наведува Муцунски, додавајќи дека со евроамбасадорот размениле мислења и за актуелните случувања на европскиот континент, регионалната стабилност и придонесот на земјата кон пошироката европска безбедност.
Скопје, 14 септември 2026 (МИА) - Европската интеграција на земјата, реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан – процеси и инструменти кои директно влијаат врз економскиот развој и квалитетот на животот на граѓаните - биле во фокусот на средбата меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и евроамбасадорот Михалис Рокас.
-Попладнево во Скопје остварив средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадор Михалис Рокас. Го потврдивме заедничкиот интерес за натамошна поддршка на реформските процеси, јакнење на институционалните капацитети и доследна примена на европските вредности и стандарди - напиша Муцунски на својот Фејсбук профил.
Истакнувајќи ја јасната посветеност на Владата на овој процес, додава Муцунски, уште еднаш нагласив дека полноправното членство во Европската Унија останува наша стратешка определба.
-Изразив задоволство од редовниот и отворен политички дијалог со Европската Унија, како и од континуираната поддршка за реформските процеси во земјата - наведува Муцунски, додавајќи дека со евроамбасадорот размениле мислења и за актуелните случувања на европскиот континент, регионалната стабилност и придонесот на земјата кон пошироката европска безбедност. нд/са/
Фото: Тимчо Муцунски Фејсбук