• понеделник, 23 декември 2024

Мухамед Јунус се врати во Бангладеш за да застане на чело на привремената влада

Мухамед Јунус се врати во Бангладеш за да застане на чело на привремената влада

Дака, 8 август 2024 (МИА) - Добитникот на Нобеловата награда за мир за 2006 година, Мухамед Јунус, пристигна во Бангладеш за да застане на чело на привремената влада, која треба да положи заклетва подоцна попладнево, на само три дена откако владата на премиерката Шеик Хасина Вазед беше соборена во насилните студентски протести, јави ДПА.

Началникот на Генералштабот на армијата на Бангладеш, генерал Вакер Уз Заман и клучните организатори на студентското движење против дискриминација го пречекаа Јунус, пионер во микрокредитирањето против сиромаштијата, на аеродромот во главниот град Дака, каде што пристигна со авион од Париз.

Приватните телевизиски канали во Бангладеш директно го пренесуваа неговото пристигнување од аеродромот, додека неколку илјади луѓе се собраа надвор да го пречекаат.

Попладнево во претседателската палата во Бангабабан Јунус треба да положи заклетва заедно со група советници во предложената преодна влада

Одлуката за негово именување беше донесена во вторникот на состанокот меѓу главните организатори на протестите, високи офицери и претседателот на Бангладеш Мохамад Шахабудин.

Во меѓувреме, ситуацијата во Дака почна да се нормализира, а од вчера канцелариите, банките и компаниите делумно се отворени, три дена откако поранешната премиерка поднесе оставка и побегна во Индија.

Во отсуство на полиција, на улиците беа забележани студенти кои го регулираа сообраајот на различни крстосници низ градот. Некои од нив ги боеја ѕидовите, кои беа обоени со антивладини графити и пароли за време на насилните студентски протести.

Во насилните протести, што почнаа во јули, загинаа околу 400 лица, а беа иницирани со барањата за прекинување на контроверзниот владин систем за квоти за работни места.сд/

Остани поврзан