• четврток, 07 ноември 2024

Муслиу: Партиската логика го надвладеа мерит системот

Муслиу: Партиската логика го надвладеа мерит системот

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Законската оправданост и мерит системот за кој цело време зборува претседателката, за жал во случајот со моето разрешување, отсуствуваат, реагира Еролд Муслиу, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го разреши од функцијата директор на Агенцијата за разузнавање. 

Според Муслиу, очигледно е дека претседателката попушти пред партиските притисоци.

-Посебно сум разочаран од постапката и начинот кој го избра при моето разрешување, не покажувајќи доблест да се сретнеме на прва информативна средба на која би добила брифинг за природата на работата на Агенцијата и за безбедносното опкружување и актуелната состојба во регионот. Со гордост и посебна чест ја раководев Агенцијата во изминатиот период во кој вложив надчовечки напори да го подигнам нивото на квалитетна работа и да го пренесам професионалното искуство и знаење стекнато во мојата 31 годишна кариера. Честа е уште поголема и заради фактот што јас сум првиот албанец во историјата на безбедносно-разузнавачката заедница во нашата држава на кого во 2019 година му беше доверена задача да ја предводи АР, се вели во реакцијата од Муслиу.

Иако, посочува Муслиу, цело време бев изложен на гнасна дезинформациска кампања која доби размери на политички линч кој остави и последици врз моето семејство, сепак, разбивајќи ги табуата во нашето општество, докажав дека Албанец, притоа и без партиска припадност, може да постигне високо ниво, да биде прифатен и почитуван во колективот, во национални и меѓународни рамки.

-Пионер сум во идејата и достигнувањето највисоко ниво на родова застапеност и еднаквост како и на раководно ниво во АР, како и во делот на етничка рамноправност давајќи простор на сите од етничките заедници застапени во нашето општество да бидат дел од АР. Под мое лидерство го подигнавме нивото и ги надградуваме нашите технички капацитети во процесот на дигитализација, информатичка и кибер безбедност. Постигнавме фантастични достигнувања во стратешките зафаќања и оперативно-разузнавачките активности кои АР ги реализираше самостојно, како и на билатерално и на сојузничко ниво, се вели во реакцијата на Муслиу.

Муслиу, исто така, искажува огромна благодарност до целиот колектив во Агенцијата за разузнавање, а на новата директорка на Агенцијата и посака успех во раководењето со Агенцијата.

Од Кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска информираа дека донела одлука за именување на Габриела Јаковлева за директорка на Агенцијата за разузнавање и одлука за разрешување на досегашниот директор Еролд Муслиу.

Сиљановска Давкова, како што информираат од нејзиниот Кабинет, денеска ја разрешила и заменичката директорка во Агенцијата за разузнавање Александра Бакреска Додовска и ја именуваше Ивана Стојановска. аа/ар/

Фото: МИА архива

Остани поврзан