Муртезани: Посетата на Париз во знак на продлабочување на партнерството со Франција и обновена поддршка за политиката на проширување на ЕУ
- Од Министерството додаваат дека особено била нагласена важноста на програмите за институционално јакнење и развој на човечки ресурси, како што е „Formacion Administrative Superior“ (FASP), во подготовката на јавната администрација за спроведување на европските стандарди и регулативи.

Скопје, 8 јули 2025 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ја заокружи својата дводневна работна посета на Франција со низа значајни средби посветени на проширувањето на Европската Унија, билатералната соработка со Франција, како и регионалните и геополитичките случувања, во контекст на европската безбедност.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, денеска во Париз, Муртезани имал состанок во Институтот „Жак Делор“, каде со Бенжамен Куто, истражувач специјализиран за европската политика за проширување со фокус на Западен Балкан и Турција, со Рене Трока - специјален пратеник за Западен Балкан на француското МЕиНР и со Маргерит Коста де Боргар - раководителка на Одделот за Западен Балкан во Министерството за Европа и надворешни работи, разговарале за тековните геополитички предизвици, кредибилитетот на политиката на проширување на Унијата и потребата од зајакнување на европската перспектива на регионот преку поконзистентна поддршка и видливост на реформските процеси.
Муртезани ја потенцирал важноста од вклучување на експертската и академската заедница во обликувањето на јавниот дискурс за проширувањето, како и улогата на Институтот „Жак Делор“ во зајакнувањето на разбирањето за европската агенда на регионот.
Во рамки на посетата, Муртезани остварил и средба со Лилијана Танги, пратеничка во Националното собрание на Франција и припадничка на француската парламентарна група за пријателство со Северна Македонија, при што била истакната важноста на парламентарната поддршка за европската интеграција на земјава, како и потенцијалот за унапредување на билатералната соработка на парламентарно ниво.
На средбите со извршниот директор на „Експертиз Франс“, Жереми Пеле и директорот за Европа при Француската агенција за развој (AFD), Сирил Белје, биле разгледани можностите за натамошно унапредување на соработката преку мобилизирање на финансиски инструменти и грантови достапни преку AFD, PROPARKO и Expertise France, како и во согласност со билатералниот договор потпишан меѓу двете влади во 2021 година.
Од Министерството додаваат дека особено била нагласена важноста на програмите за институционално јакнење и развој на човечки ресурси, како што е „Formacion Administrative Superior“ (FASP), во подготовката на јавната администрација за спроведување на европските стандарди и регулативи.
-Со овие средби се заокружува агендата на посетата која започна со билатерални разговори со министерот задолжен за Европа при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Бенжамен Хадад, Емануел Пуизе-Жовен - генералниот секретар за европски прашања при Кабинетот на премиерот на Франција, , како и претставници на француските институции вклучени во европските и билатералните програми за поддршка. Посетата на Париз ја реафирмираше заложбата за продлабочување на француско-македонското партнерство и отвори нови перспективи за конкретна соработка во рамки на европската интеграција, развојната агенда и регионалната стабилност, стои во соопштението на МЕП. нд/дма/
Фото: МЕП