• понеделник, 16 декември 2024

Муртезани: Политиката за кохезија е носечки столб на европската интеграција и двигател на промените

Муртезани: Политиката за кохезија е носечки столб на европската интеграција и двигател на промените

Скопје, 11 декември 2024 (МИА) - Во основата на самиот европски проект лежи заложбата за унапредување на соработката, градењето на мостови и рушење на бариерите кои ги создаваат границите. Тоа истовремено е и основната задача на политиката за кохезија, како носечки столб на европската интеграција и како двигател на промените, што е особено релевантно за различните форми на прекугранична соработка, каде европските вредности се признаваат и се применуваат заедно со сите чинители на национално, регионално и локално ниво во Европската Унија, но и пошироко. Ова денеска го истакна министерот за европски прашања Орхан Муртезани на завршната конференција на проектот „Поддршка од ЕУ за спроведувањето на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион во Република Северна Македонија“, во организација на Министерството за европски прашања на Северна Македонија.

Муртезани, како што информира ресорното министерство, нагласил дека соработката претставува срж и суштина на солидарноста, на промовирањето на заедничкото разбирање и несомнено на одржливиот регионален развој.

- Соработката претставува срж и суштина на солидарноста, на промовирањето на заедничкото разбирање и несомнено на одржливиот регионален развој. Во основата на самиот европски проект лежи заложбата за унапредување на соработката, градењето на мостови и рушење на бариерите кои ги создаваат границите. Тоа истовремено е и основната задача на политиката за кохезија, како носечки столб на европската интеграција и како двигател на промените, што е особено релевантно за различните форми на прекугранична соработка, каде европските вредности се признаваат и се применуваат заедно со сите чинители на национално, регионално и локално ниво во Европската Унија, но и пошироко, изјави Муртезани.

- Бројни се заеднички иницијативи кои ги следат внатрешните и надворешните граници на Унијата, заедно со земјите-кандидати и партнерите од соседството, меѓу кои, но не исклучиво свое место заземаат програмите за преку-гранична соработка, транснационалните и меѓурегионалните програми, како и макро-регионалните стратегии. Нивното воспоставување и постојано унапредување и надградување е јасен показател дека територијалната соработка е сериозна движечка сила во смисла на економска, социјална и територијална кохезија, рече Муртезани, додавајќи дека конференцијата се одржува во навистина клучен момент, во период во кој дискусиите за иднината на територијалната соработка за периодот по 2027 година се во полн ек.

Според него, консултациите кои сè уште траат, во голема мера се базираат на прашањата што ќе ги обработат панелистите. - Нивното богато професионално и лично искуство, како и поврзаноста со различните аспекти на територијалната соработка, се гаранција за плодна дискусија. Искрено им се заблагодарувам за нивниот придонес, уверен дека ќе ги збогати нашето разбирање и перцепција за територијалната соработка и ќе поттикне интерес за програмите за територијална соработка, Јадранско-јонската стратегија и кохезиската политика на ЕУ во контекст на проширувањето, рече Муртезани. 

 

Денешната конференција е дел од проектот „Поддршка од ЕУ за спроведување на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион во Северна Македонија“, финансиран од Европската комисија и спроведуван од Министерството за европски прашања. Организирани се осум регионални и три тематски настани со околу 400 учесници, со цел промоција на макро-регионалните стратегии. Сепак, тие сè уште се недоволно познати, што го ограничува подобрувањето на синергијата со територијалните програми и националниот пакет на ЕУ.

- Макро-регионалните стратегии немаат свои извори на средства, па затоа нивното вклучување во идните финансиски инструменти на ЕУ е од клучна важност. Во тој контекст, Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ, игра стратешка улога. Ревидираниот Акциски план на Стратегијата создава предуслови за подобра интеграција во територијалната соработка, додека нашето претстојно претседавање со Стратегијата ќе даде нов импулс за нејзино промовирање, соопшти Муртезани. 

Програмите за територијална соработка, присутни веќе 15 години, нудат, како што рече, уникатни можности за справување со заеднички предизвици и градење капацитети на сите нивоа.  - Но, неопходен е дополнителен ангажман за усогласување на законодавството, изработка на национални стратегии и зајакнување на капацитетите, особено на локално ниво, за да се искористат целосно придобивките од кохезиската политика на ЕУ. Само така ќе го постигнеме целиот потенцијал на нашата земја и ќе обезбедиме подобар животен стандард и просперитет, смета Муртезани. мд/нд/

Фото: СЕП 

Остани поврзан