• сабота, 28 декември 2024

Муртезани: Во Брисел нема голема надеж за уставни измени со одложено дејство, но идејата не се отфрла ан-блок

Муртезани: Во Брисел нема голема надеж за уставни измени со одложено дејство, но идејата не се отфрла ан-блок

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени за внесување на Бугарите со одложено дејство.

-Беше разговарано за предлогот на нашата влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла анблок. Има одредена доза оптимизам кој ние ќе треба да го конкретизираме. Мислам дека Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името. Односно дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија, вели Муртезани во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Прашан за коментар за пораката на Шарл Мишел објавена на социјалните мрежи по средбата со Мицкоски дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, Муртезани вели дека Мишел се повикал на одлуките на Советот што се веќе донесени.

-Тоа што ние го добиваме како сигнал од другата страна е посветеноста процесот да оди напред. Вие знаете дека сите овие спорни прашања беа предмет и на предизборната трка и ВМРО-ДПМНЕ доби 58 пратеници токму настојувајќи дека ќе се елиминираат одредени последици, односно штети направени од претходната влада. Затоа ние како ‘Вреди’ сметаме дека таа поддршка изразена во бројка од 58 пратеници е одредена порака од нашите сограѓани Македонци дека на процесот мора да се пристапи многу внимателно за да се елиминираат сите прашалници дека ние како земја постојано нешто сме отстапувале и дека евентуално би се соочиле уште еднаш со блокада во иднина, вели тој.

Министерот Муртезани наведува дека засега не може да каже дека владата има конкретен план што би успеал, но оти се работи на одредени насоки, кои што, вели, даваат надеж и треба да се прецизираат и материјализираат откако Бугарија ќе добие стабилна политичка влада.

-Нашата иницијална намера беше да се скрати временскиот рок за прво, да се смета како апсолутен приоритет и второ, во првите шест месеци ние да ги направиме сите внатрешни и надворешни консултации со нашите стратешки партнери за да создадеме дополнителна динамика. Такви напори имаше и внатре во коалицијата и на нашите состаноци со високите претставници на институциите во Брисел и пошироко. Сега-засега не можам да кажам дека имаме конкретен план што би успеал, меѓутоа се работи на одредени насоки што даваат надеж и треба да се прецизираат и материјализираат откако нашиот сосед Бугарија ќе има стабилна политичка влада, вели Муртезани прашан што направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ во првите 100 дена за забрзани евроинтеграции, како еден од трите клучни столба што си ги одредија. 

Според него, каков било добронамерен предлог или порака во моментов може да се искористи за политички маркетинг во предизборието на Бугарија.

Прашан дали во рокот од шест месеци, што самите го споменуваат, ќе стигнат барем до план за деблокада на пристапниот процес кон ЕУ, министерот вели дека тоа ќе зависи од формирањето на политичка влада во Бугарија.

-Тоа зависи многу од тоа дали ќе има политичка влада во Бугарија бидејќи тоа е клучно во процесот на дијалогот. Меѓутоа, сега-засега сигурно дека стоиме на тоа (рокот од шест месеци), вели Муртезани.

Прашан меѓу другото, дали е голем пораз за државава тоа што сме одвоени од Албанија и дали тоа во практична смисла ќе значи нови стотици ако не и илјадници поединци и семејства со спакувани куфери за заминување на запад, тој вели дека ваквата одлука ќе има рефлексии кај нас. Но и дека, под претпоставка власта да почнала со спроведување на уставните измени, за што, вели, се потребни најмалку шест месеци, немало да стигнеме КОРЕПЕР да даде препорака да ги почнеме преговорите.

-Па, сите правници и пратеници сметаат дека од три до шест месеци се потребни за успешно да се спроведат уставните измени. Што ми е поентата, и од првиот ден да почневме да работиме на уставни измени, немаше да стигнеме досега, така што доаѓаме до констатацијата дека разделувањето на Албанија од нас е почнато многу порано, пред ние да ја формираме владата, вели министерот за европски прашања..

Прашан за појаснување на што мисли кога вели дека одделувањето на Албанија ќе има рефлексии и дали тоа се однесува пред се за етничките Албанци во земјава, Муртезани вели дека тоа се однесува воопшто за сите. 

-И генерално, бидејќи тоа може да доведе, прво, до зголемување на евроскептицизмот што гледаме дека е во постојан раст не само во земјите од Западен Балкан, меѓутоа и во Европа, и второ, уште повеќе кај одредени наши граѓани може да се бетонира чувството дека што било да направиме, што било да отстапиме, нема да можеме да станеме дел од Европската Унија. Меѓутоа, разделувањето на Албанија од Македонија е јасна порака дека проширувањето е живо и се случува. Ова треба да нè охрабрува да работиме уште попосветено на изнаоѓање решенија за да го искористиме моментот. Само да споделам, неформално, Црна Гора веќе има договорено временска рамка до кога би ги завршила преговорите – тоа е 2026 г., Албанија има оптимистичка рамка до 2027 г. Ако ние сме почнале пред Хрватска, а остануваме последни на Балканот со Косово и Босна, мислам дека генерално впечатокот ќе биде многу лош, вели министерот Муртезани.

Според него, тоа покажува дека пристапниот процес не само што е жив, туку се одвива со многу поголема брзина.

-Тоа што Црна Гора го има поминато или сработено во изминативе шест месеци, во нормални услови, без агресијата на Русија врз Украина, ќе требаше да се заврши во период од 3 до 4 години. Значи, затоа велам дека овој момент треба да влијае врз нас уште повеќе да работиме на изнаоѓање решенија и да го фатиме чекорот за брзо да напредуваме, посочува Муртезани.

Министерот за европски прашања вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договор за одредени закони што се носат со двотретинско мнозинство бидејќи на партијата на Али Ахмети, како што вели, ѝ е многу важно да се одржи жива перцепцијата дека брзо ќе се врати на власт и токму затоа е спремна да гласа за сè што ќе биде потребно.

-Тие ќе гласаат сè што треба за да ја одржат во живот идејата дека тие би можеле брзо на локалните избори да се вратат на власт. Мислам дека е само политичка авантура во функција на локалните избори, посочува Муртезани.

Тој вели дека не верува оти ќе има предвремени парламентарни избори заедно со локалните бидејќи мнозинството е стабилно, но и дека не гледа можност за коалиција помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, оти, посочува, владејачката партија неколкупати во минатото констатирала дека претходната влада, во чии рамки беше ДУИ, била крајно корумпирана.

-Ние и како Влада јавно сме соопштиле дека претходното владеење е оценето како коруптивно и тоа ќе треба низ институциите на системот да се санкционира, вели Муртезани. вг/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан