• недела, 28 јули 2024

Музејот на современата уметност ќе гостува со изложба во Кунстхале во Виена

Музејот на современата уметност ќе гостува со изложба во Кунстхале во Виена
Скопје, 6 октомври 2022 (МИА) - Избор од дела од колекцијата на Музејот на современата уметност - Скопје на почетокот на 2023 година ќе бидат претставени на изложба во просторот Кунстхале - дел од Музеум квартиер, кој е еден од најголемите европски културни центри во Виена. Како што соопшти МСУ-Скопје, се работи за голема изложба, која ќе биде поставена на 1000 квадратни метри. - Концептот предвидува осум меѓународни уметници да направат свој избор од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ-Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје, соопшти МСУ. Уметници кои веќе избираат дела од колекцијата на МСУ – Скопје со кои ќе воспостават дијалог се македонските Јане Чаловски и Христина Ивановска, Брук Ендру од Австралија, Синиша Илиќ од Србија, Иман Иса од Австрија и Ѓулсун Карамустафа од Турција. Уметницата Елфи Семотан од Австрија создава фотографии од Скопје и МСУ, а српската уметница Барби Марковиќ прави патопис низ градот и музејот. Двапати во работна посета на МСУ-Скопје била и уметничката директорка на Кунстхале Виена, Сабина Саболовиќ, која заедно со директорката на нашиот музеј, Мира Гаќина, и дел од кураторскиот тим работеле на подготовки за овој голем проект. Директорката на МСУ, Гаќина, заедно со тим куратори неодамна била во возвратна работна посета на музејот Кунстхале, каде со тамошниот стручен тим го разгледале просторот  каде што ќе бидат поставени делата од уметничката колекција на МСУ. Гаќина изјави дека во Кунстхале имале неколку работни средби на кои разговарале за овој амбициозен проект и дека кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признати уметници го посетиле МСУ-Скопје и почнале да ја прават селекцијата - кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени следната година во Кунстхале. -Она на што работиме сега е да видиме и каков е интересот за гостување на овој проект и во други сродни музеи низ Европа и пошироко. Важно е да се знае дека ова ново читање на нашата колекција ќе и биде претставено и на нашата публика, по завршувањето на изложбата во Кунстхале во Виена. Нашите активности врзани за промовирање на колекцијата на МСУ предизвикаа реакција и кај значајни современи уметници, кои одлучија да донираат свои дела на МСУ: Ахмет Огут, Јонас Стаал, Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, колективот Шчо делат, Таниа Бругера и други. Се работи за едни од водечките уметници на светската уметничка сцена денес, истакнува директорката на МСУ-Скопје. хс/бак/

Остани поврзан