• понеделник, 23 декември 2024

МТСП ќе ги ревидира нормативите и стандардите за исхрана и оброци во градинките

МТСП ќе ги ревидира нормативите и стандардите за исхрана и оброци во градинките
Скопје, 14 мај 2021 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика ќе направи целосна ревизија на нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во градинки, во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој. Како што информираат од МТСП, под целосна ревизија ќе бидат и рецептите за подготовка на оброци за децата што ги користат установите за воспитание на децата, со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност. -Упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот Завод за домаќинство и за жал подолг период не се променети. Од тие причини, во соработка со експерти од областа, работиме на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана. Ја информираме јавноста дека внимателно го следиме случајот со труење на децата во трите објекти од градинката „Ангел Шајче“ во Куманово и сме во постојана комуникација со надлежните институции, стои во соопштението. Тврдат дека првичните сознанија, утврдени од Центарот за јавно здравје, укажале на тоа дека причина за труењето е од мајонез од фабричко производство кој бил во оригинално пакување. -Во однос на прашањето што се поставува во јавноста дали мајонез се користи во исхраната на децата, сакаме да информираме дека мајонезот воопшто не се користел  како примарна храна туку во многу мали количини под 10 проценти, како додаток при подготовката на свежа паштета од туна и од пилешко месо. Со новите упатства за подготовка на оброците мајонезот целосно ќе биде исфрлен, истакнуваат од Министерството и додаваат дека ќе бидат преземени сите мерки за утврдување одговорност за случајот.свс/лв/

Остани поврзан