• петок, 08 ноември 2024

МТСП: Исплатата на финансиската поддршка за ранливи категории граѓани на 13 февруари, списоците ќе бидат објавени на 6 февруари

МТСП: Исплатата на финансиската поддршка за ранливи категории граѓани на 13 февруари, списоците ќе бидат објавени на 6 февруари

Скопје, 3 февруари 2023 (МИА) - Министерството за труд и социјална политика, ги известува граѓаните дека паричните средства за корисници на финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе бидат исплатени на 13 февруари.  

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза ќе се објави на 6 февруари 2023 година и тоа на веб страната на Министерството за труд и социјална политика за корисници на правото на социјална сигурност на стари на лица, посебен додаток, надоместок заради попреченост, корисници на надоместок за помош и нега од друго лице со трајни промени во здравствената состојба без потреба од контролен преглед и не користат право на надоместок заради попреченост, како и самохраните родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош.

Како што информира МТСП, на веб страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија ќе биде објавен список на корисници на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, односно во висина не поголема од 14.000 денари месечно, како и корисници на право на надоместок за телесно оштетување.

На веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, пак, ќе биде објавен список на невработени лица - корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.

Според Министерството, списоците списокот се објавува со цел граѓаните да можат да извршат проверка, а доколку лицето не е на списокот, а смета дека ги исполнува условите како корисник на право, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка при Министерството за труд и социјална политика, во рок од три дена од денот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка.

Приговорот може да се поднесе преку архивата на Министерството за труд и социјална политика или преку електронската пошта mtsp@mtsp.gov.mk.

Списокот на корисници на паричните средства за финансиска поддршка за справување со енергетската криза, ќе биде отстранет од веб страната на Министерството за труд и социјална политика,  веб страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија  и веб страната на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, по истекот на три дена од денот на објавувањето. сст/дма/

Остани поврзан