• понеделник, 23 декември 2024

Мојсовски: Ќе се реконструира атлетската патека на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес

Мојсовски: Ќе се реконструира атлетската патека на стадионот „Зоран Паунов“ во Велес

Велес,13 април 2023 (МИА) - Стадионот „Зоран Паунов“ во Велес е еден од петте во земјава каде ќе бидат реконструирани или изградени атлетските патеки со поддршка од Агенцијата за млади и спорт, најави директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски при денешното отворање на фитнес зоната во велешката населба Чашка.

-Веќе сме во консултации со претседателката на Атлетската Федерација и веќе е договорено. Во нашата програма се ставени за реконструкција и изградба пет атлетски патеки во земјава. Можам со сигурност да кажам дека тоа се атлетските патеки во Велес, Скопје и Кавадарци, рече Мојсоски за МИА.

Тој информира дека веќе направиле атлетска патека во Пробиштип.

-Велес е атлетски град, спортски град и знаеме што значи тоа, сум играл во него многу спортски натпревари. Го реконструиравме и реновиравме велешкиот фудбалски стадион, а со атлетската патека ќе го комплетираме како спортски комплекс кој ќе заживее, посочи Мојсоски.

Во јуни, како што кажа, ќе се направи промена на програмите, а со ребалансот на буџетот ќе бидат вратени средства на Агенцијата. Веднаш штом тоа ќе биде донесено на Влада, ќе распишат тендер за да се изградат атлетските патеки.

Атлетската патека на велешкиот фудбалски стадион е изградена пред 41 една година во сега далечната 1982 година. Веќе повеќе од  десет години тартан подлогата е целосно руинирана, па како алтернативна патека велешките врвни атлетичари и бројни рекреативци ја користат бехатон патеката во Градски парк.

-Таа е тврда, на неа тешко се трча и болат нозете, потенцираат за МИА успешните велешки маратонци и атлетичари од АК „Велес“ и останатите атлетски клубови кои веќе со години немаат пристојна атлетска патека каде ќе можат да тренираат за претстојните трки и натпревари.ад/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан