Морачанин: Се заложивме за затворање на рудниците, за зелена економија и здрава животна средина
- Како зелена партија која се грижи за одржување на здравата животна средина, а со тоа и за здравјето на граѓаните , ние сме навистина загрижени од изјавите на опозицијата дека ќе отворале нов
Скопје, 5 јули 2020 (МИА) - Како зелена партија која се грижи за одржување на здравата животна средина, а со тоа и за здравјето на граѓаните , ние сме навистина загрижени од изјавите на опозицијата дека ќе отворале нови рудници и тоа овде во Пробиштип, истакна Маја Морачанин, претседателка на ДОМ и партнер во коалицијата „Можеме“.
Таа посочи дека навистина е загрижувачки затоа што ДОМ изминативе години се бореше токму против отворањето на нови рудници, затоа што екологијата, здравата животна средина и здравјето на луѓето не одат заедно со работењето на рудниците.
-Ако минатиот век немаше научни докази дека тие имаат штетно влијание врз луѓето, денес во 21 век знаеме колку влијае загадувањето на воздухот, почвата и водата на севкупното здравје на луѓето. Цел свет и цела Европа се стреми кон развој на зелената економија, тоа е перспективата и за Пробиштип и за целиот Исток, за целата држава. Она што ме радува е што е почната постапка на јаловиштето Злетово, како едно од 16-те жешки еколошки точки во земјата, да се изгради фотоелектрична централа. Од некој предел кој загадувал сега да биде зелена економија и да ја користиме сончевата енергија и природните ресурси, порача Морачанин.
Како позитивна промена во однос на статусот на рударите, таа ја посочи измената на Законот за рударите, кои сега порано можат да заминат во пензија, а на младите им се овозможува да работат во услови достојни за живот и да останат овде, да ги уживаат сите благодети.
-Исто така за поздрав е отпочнувањето на постапката за прогласување на Осогово за заштитено подрачје. Тоа значи уште поголем развој и бенефит за локалното население, истакна Морачанин од граѓанската трибина во Пробиштип. мч/мд/