• сабота, 23 ноември 2024

Моравјецки: Полска, Летонија и Литванија ќе побараат консултации во НАТО

Моравјецки: Полска, Летонија и Литванија ќе побараат консултации во НАТО
Варшава, 14 ноември 2021 (МИА) - Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека Полска заедно со Литванија и со Летонија размислуваат за покренување на членот 4 и консултации во рамките на НАТО, бидејќи со зборови не можат да го запрат белорускиот претседател Александар Лукашенко да испраќа мигранти на границите на Европска Унија и Алијансата. - Тоа е решение што предвидува консултации кога на некоја од земјите-членки и е загрозен територијалниот интегритет, политичка независност или безбедност. Повеќе не е доволно јавно да ја изразуваме својата вознемиреност, сега кога се потребни конкретни чекори и ангажирање на цело НАТО, изјави Моравјецки во интервју за државната Полска новинска агенција (ПАП). Тој додаде дека полската граница ќе биде ефективна последна бариера за активностите на Лукашенко. - Блокирањето на влезот во ЕУ за луѓето околу Лукашенко е важен чекор, но не е доволен. Во изминатите неколку дена презедовме многу интензивни дипломатски чекори за блокирање на авиокомпаниите кои директно се вклучени во префрлањето мигранти во Белорусија. Делумно успеавме турски и ирачки авиокомпании да се откажат од сценариото на Минск, посочи Моравјецки. Полскиот премиер ги коментираше и најавите на ЕУ за кофинансирање на ѕид висок 5,5 метри на полско-белоруската граница, што треба да биде изграден до средината на следната година. Според Моравјецки 25 милиони евра од ЕУ не го решаваат проблемот, бидејќи изградбата на ѕидот Полска ќе ја чини 350 милиони евра. - Полска не ја брани само својата територија, туку цела ЕУ. Мене ми е јасно дека цела ЕУ мора солидарно да се вложи во таквиот проект. Полска секојдневно има големи трошоци за одбрана на источната граница на Унијата, наведе Моравјецки. Според проценките на полските власти, на белоруска страна има околу 4.000 мигранти од Блискиот Исток, а најмалку 15.000 во цела Белорусија. Само во изминатите 24 часа полските граничари забележале 223 нелегални обиди за преминување на полската граница од Белорусија, а над 33.000 од почетокот на годината. ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан