• среда, 20 ноември 2024

МОН: Честит Меѓународен ден на мајчиниот јазик

МОН: Честит Меѓународен ден на мајчиниот јазик
Скопје, 21 февруари 2021 (МИА) - Светот денеска го одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик - 21 февруари воспоставен од Обединетите Нации и УНЕСКО, а во насока на промоција, негување и афирмација на сите јазици што ги користат народите во светот и за поддршка на имплементацијата на стратегиите и политиките во полза на различноста на јазиците во сите делови на светот, а во чија насока, како што информираат од Министерството за образование и наука, се токму и политиките на МОН. - Нашата цел е да изградиме граѓанско општество, почитувајќи го правото на говорење и изучување на мајчиниот јазик и култура на сите заедници во Република Северна Македонија. Токму затоа со новата концепција за основно образование ќе се намали образовниот јаз кај помалкубројните заедници во државата бидејќи за првпат наставниците ќе имаат можност за избор на материјали за учење, кои сега не се достапни на сите наставни јазици, се вели во соопштението од МОН по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. На овој начин, се вели во соопштението, обезбедуваме настава достапна на секое дете на мајчиниот јазик што е основен предуслов за поголема вклученост во образовниот процес и општеството. - Освен почитувањето на мајчиниот јазик, новата концепција предвидува и јакнење на мултикултурализмот, недискиминацијата и родовата еднаквост кои се основните вредности на секое современо и демократско општество, се вели во соопштението од МОН. Од Министерството за образование и наука, посочуваат дека продолжуваат да креираат политики кои се во насока на унапредување на меѓуетничките односи во државата токму преку образованието, а концептот на разноличност во Република Северна Македонија треба да се прифати како мост помеѓу различните етнички заедници во земјата во постигнувањето еднакво општество и можности за сите граѓани во нашата држава, што е една од целите на Владата на Република Северна Македонија. аа/сп/

Остани поврзан