• четврток, 14 ноември 2024

Туторска поддршка за основците кои се соочиле со предизвици при следењето на наставата за време на пандемијата

Туторска поддршка за основците кои се соочиле со предизвици при следењето на наставата за време на пандемијата

Скопје, 12 јули 2023 (МИА) - Наставници и друг наставен кадар коj има искуство за работа со ученици кои имаат потешкотии за совладувањето на училишниот материјал, како и студенти од завршните години на студии на соодветните факултети ќе им помагаат на основците кои се соочиле со предизвици при следењето на наставата за време на пандемијата со КОВИД, со цел пополнување на празнините во знаењето по предметите мајчин јазик и математика.

-Предвидено е програмата за помош и поддршка на учениците од основните училишта, кои поради пандемијата со КОВИД-19 не биле во можност или имале потешкотии да ја следат онлајн наставата или наставата со физичко присуство, по предметите мајчин јазик и математика да започне да се спроведува од учебната 2023-2024 година во три пилот општини, по што ќе следи анализа на постигнатите резултати и потоа дефинирање на системско решение и имплементирање на национално ниво, соопшти Министерство за образование и наука.

Оваа активност е предвидена во рамки на Проектот за унапредување на основното образование на МОН и за неа се дискутирало на денешната средба меѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Никица Мојсоска – Блажевски, експертка ангажирана за потребите на проектот.

На средбата биле презентирани резултатите од направената анализа за потребата од воведување на оваа активност. дма/бак/

Фото: МОН

Остани поврзан