• понеделник, 23 декември 2024

МОН: Се реконструира студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје

МОН: Се реконструира студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје

Скопје, 30 април 2024 (МИА) - Активностите за реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје предвидени во договорот кој на почетокот на годината Министерство за образование и наука (МОН) го потпиша со австриската компанија „Штрабаг“, како најповолен понудувач на меѓународниот тендер, започнаа да се реализираат на терен. За 18 месеци објектот ќе добие подобрена одржливост, ќе биде енергетски ефикасен што значи ќе придонесе за почиста животна средина, но и ќе обезбеди финансиски заштеди, соопшти МОН.

Ова, како што се наведува во соопштението, е прва фаза од проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Република Северна Македонија.

Од МОН најавуваат дека наскоро ќе започне и реконструкцијата на „Стив Наумов“ во Скопје, а потоа, во следните две фази ќе се реконструираат уште седум други студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид.

- Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби, велат од МОН.

Проектот се реализира со заем од Германската развојна банка (KfW) од 20 милиони евра и грант од 5 милиони евра преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. дма/

 

Фото: Министерство за образование и наука

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан