• сабота, 23 ноември 2024

МОН континуирано го унапредува ученичкиот и студентскиот стандард, годинава рекорден буџет за финансиски стимулации

МОН континуирано го унапредува ученичкиот и студентскиот стандард, годинава рекорден буџет за финансиски стимулации

Скопје, 23 март 2023 (МИА) - Министерството за образование и наука (МОН) обезбедува континуитет во унапредувањето на ученичкиот и студентскиот стандард, преку постојано зголемување на износите на постојните финансиски надоместоци и стимулации, но и воведување на нови кои во минатото не постоеја.

-Младите заслужуваат поддршка од државата која значи олеснување на семејниот и личниот финансиски товар и фокусирање кон вистинските цели на образованието – стекнување на што повеќе и поквалитетни знаења и вештини потребни за успешен настап и напредување на пазарот на трудот, информира МОН.

МОН и Владата, како што се наведува во соопштението, покренаа иницијатива за усогласување на износите на одредени категории на ученички и студентски стипендии, со што старите корисници со активни договори за стипендии ќе добиваат идентичен, зголемен месечен надоместок како и новите корисници.

-Исплатата ќе се реализира и ретроактивно, односно ќе следи надомест на разликата од изминатата учебна/академска година, како и за месеците од оваа учебна/академска година за корисниците со активни договори. За таа цел ќе се подготват спогодби, каде ќе биде регулиран начинот на ретроактивна исплата на стипендиите. За учениците и студентите чии договори се завршени, односно веќе го завршиле средното образование или дипломирале и правото на ученичка/студентска стипендија е искористено, дополнително ќе се утврдува правен основ за ретроактивно исплаќање на разликата, посочуваат од МОН.

Во меѓувреме, како што велат од МОН, се реорганизира и начинот на исплата, со цел учениците и студентите редовно да ги добиваат месечните надоместоци по основ на стипендија.

-Новини ќе има и во исплатата на субвенционираниот студентски оброк. Измените на постојното законско решение кои истото ќе го унапредат, се во собраниска процедура и по нивно усвојување, всушност ќе се обезбеди ново системско решение кое предвидува зголемување на износот на оброкот од 120 на 140 денари на ден, редовна исплата и регулирање на основот за кој средствата можат да се искористат, се истакнува во соопштението.

Од Министерство за образование и наука во соопштението посочуваат дека учениците и студентите се активни учесници во креирањето на политиките кои ги засегаат. - Така и ќе остане, бидејќи отвореноста, транспарентноста на институциите и интегрираниот пристап во дефинирањето на мерките и политиките, гарантираат носење на ефективни решенија, велат од МОН. дма/мч/

 

Фото: МИА архива

Остани поврзан