• вторник, 24 декември 2024

МНР: Северна Македонија во 2023 одбележа 30 години од воспоставување дипломатски односи со дваесетина земји

МНР: Северна Македонија во 2023 одбележа 30 години од воспоставување дипломатски односи со дваесетина земји

26 декември 2023 

Во текот на 2023-тата година Република Северна Македонија одбележа значајни јубилеи во надворешно-политичкиот план, односно наполни 30 години од воспоставување на дипломатски односи со дваесетина земји од различни региони во светот. За оваа прилика, амбасадите на Северна Македонија одржаа бројни пригодни настани.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Албанија

На 7ми декември Амбасадата во Тирана организираше свечен прием со пијано концерт на познатата пијанистка Ема Попивода, која го изведе уникатниот музички проект “Македонски ноктурни”. Во присуство на претставници од дипломатскиот кор, македонското национално малцинство, бизнис заедницата и истакнати личности од јавниот живот преку пригодно обраќање, амбасадорот Данчо Марковски истакна меѓу другото дека низ овие 3 децении Северна Македонија и Албанија како соседи ги отворија границите за слободно движење на луѓе и стоки, на историјата и пристапија без предрасуди оставајќи простор за новата ера на демократскиот развој и како економски партнери создадоа услови за нови вредности во економската и трговската соработка. “А на современите предизвици одговоривме со искрено сојузништво во рамките на НАТО алијансата и евроинтегративните процеси. Неспорен факт е дека Северна Македонија и Албанија се актери кои денес генерираат стабилност во регионот” заклучи Марковски.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија
На 8 декември 2023 г. Амбасадата на Северна Македонија во Бугарија организираше настан - отворање на Литературно катче на Северна Македонија во Националната библиотека ,,Св. Кирил и Методиј" во Софија. Националната и универзитетска библиотека ,,Св. Климент Охридски" од Скопје подари книги и уметнички предмети од својот фонд на Националната библиотека ,,Св. Кирил и Методиј" во Софија, дел од кои се изложени во Литературното катче на Северна Македонија. На настанот присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, државните институции, бизнис секторот, општествениот, политичкиот и културниот живот. Во своето обраќање пред присутните амбасадорката Агнеза Руси Поповска се осврна на важноста од продлабочување на културната размена, образовната и научна соработка. Таа истакна дека отварањето на литературното катче создава можности за поврзување меѓу младите, меѓу креативните и светли умови од Северна Македонија и Бугарија, за создавање нови портали преку кои сегашните и идните генерации ќе се среќаваат, ќе разменуваат идеи и размислувања, ќе учат едни од други и ќе се надоградуваат.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Данска
Нашата Амбасада во Копенхаген на 23-ти ноември организираше работен појадок со амбасадори на земјите од Западен Балкан и на земјите членки на ЕУ, претставници на Министерството за надворешни работи на Данска и генералниот секретар на ПС на ОБСЕ, Роберто Монтела. Преку неговото обраќање по овој повод, амбасадорот Фатон Бејта изрази благодарност кон Данска како искрен пријател и голем поддржувач на нашата интеграција во ЕУ и во таа насока, ги нагласи одличните односи меѓу двете земји како и фактот што Данска беше меѓу првите, кои го ратификуваа протоколот за пристапување на Северна Македонија кон НАТО.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Италија
Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим на 4 декември 2023 година организираше прием по повод одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Италијанската Република, На приемот кој беше одржан во Палатата Рипета присуствуваа над 100 гости, од кои 20 амбасадори на странски земји, претседателот на Комисијата за соработка со Југоисточна Европа при италијанскиот Дом на пратеници Е. Паванели, претставници на италијанското МНР, странските дипломатски и конзуларни претставништва и дијаспората на Северна Македонија во Италија. За време на приемот беше промовирана и монографијата на амбасадорот Мемеди со наслов “Вистинските амбасадори” во која се наведени највлијателните луѓе од Република Северна Македонија во Италијанската Република во различни области на делување.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Норвешка
По повод 30 годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Кралството Норвешка, Амбасадата организираше „Недела на пријателството„ во чии рамки се одржаа три настани, и тоа:
1.Средба со лекари, наши иселеници, врвни професионалци во својата област, со кои се дискутираше на тема “Предизвици и можности во здравствениот систем“, на 5-ти декември во Универзитетската клиника Улевал Сукехус.
2. Средба со студенти - панел дебата на тема “Влијанието на актуелните глобални предизвици во билатералната дипломатија“, на 8-ми декември во Универзитетот ОслоМет;
3. Прикажување на филм со режија на Изер Алиу, наш иселеник "To Guard a Mountain", на 9-ти декември, во Norwegian Film School во Осло.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и Северна Ирска
Јубилејот 30 годишнина од воспоставување на дипломатските односи Северна Македонија – Обединетото Кралство беше одбележан со два културни настани во Лондон. Централен настан беше пијано концертот на Дино Имери, пијанист од Северна Македонија и неговиот специјален гостин Ведран Јањанин, во престижниот Royal College of Music. На централниот настан, министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска и Лорд Пич, специјален претставник за Западен Балкан на британскиот премиер одржаа говори, преку кои беше потврдено македонско-британското долгорочно пријателство, а културата претставува еден од цврстите темели на нашите односи. Потоа следеше изложба на македонската уметничка, Жани Гелевска со 17 дела и прием во Амбасадата во Лондон.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Полска
Нашата Амбасада во Полска го одбележи јубилејот 30 години дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Полска со изложба од Друштвото на ликовни уметници на Македонија, како и поеми (на македонски и полски јазик) од Друштвото на писателите на Македонија, во Центарот за култура на Виланов, Варшава. Присутни на настанот беа претставници на полските институции, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, наши државјани кои живеат и работат во Полска и други пријатели на Амбасадата.

 

30 години од воспоставување дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Холандија
По повод 3 децении воспоставени дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Холандија, на 14-ти мај се одржа концерт на македонски меѓународно познати музичари насловен „Fusion: past and present" во Утрехт. На концертот настапија пијанистката од Северна Македонија, Огненка Герасимовска - Димитровска и Цветанка Созовска, која е со потекло од Северна Македонија а живее и работи во Холандија.

 

Минатата години, земјата одбележи 30 години дипломатски односи и со Ангола, Белорусија, Босна и Херцеговина, Германија, Демократска Народна Република Кореја, Индонезија, Исланд, Малезија, Народна Република Кина, Нов Зеланд, Пакистан, Финска, Франција и со Шведска.

МИНИСТЕРСТВО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: МНР 

Остани поврзан