МНР ги демантира информациите изнесени на прес-конференцијата на СДСМ во врска со изградбата на кровната конструкција над зградата на Министерството
- -Проектот за изградба на кровна конструкција над рамната тераса беше првично планиран за реализација во 2022 година, со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување, кои се јавуваат при секој пообилен дожд. Според стручни проценки, како резултат на несоодветното одржување во изминатите години, бетонските, хидроизолационите и термичките слоеви на подлогата се значително оштетени, што наложува целосна реконструкција и замена на рамната подлога, стои во соопштението на МНР.

Скопје, 7 март 2025 (МИА) - Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во целост ги демантира неточните информации изнесени на денешната прес-конференција на СДСМ во врска со изградбата на кровната конструкција над зградата на Министерството.
-Проектот за изградба на кровна конструкција над рамната тераса беше првично планиран за реализација во 2022 година, со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување, кои се јавуваат при секој пообилен дожд. Според стручни проценки, како резултат на несоодветното одржување во изминатите години, бетонските, хидроизолационите и термичките слоеви на подлогата се значително оштетени, што наложува целосна реконструкција и замена на рамната подлога, стои во соопштението на МНР.
Оттаму велат дека изработката на основниот проект започнала кон крајот на 2022 година, а буџетските средства биле обезбедени во 2023 година.
-Сепак, поради претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и обемните обврски на Министерството, вклучително и организацијата на Министерскиот совет во ноември 2023 година, изградбата беше одложена за 2024 година. Со оглед на парламентарните избори во 2024 година, проектот беше дополнително пролонгиран за втората половина од годината, со делумно финансирање од редовниот буџет за 2024 година, додека преостанатиот дел ќе се реализира во 2025 година. По завршувањето на градежните активности, во буџетот за 2026 година се предвидени средства за поставување фотоволтаични панели, во согласност со заложбите за енергетска ефикасност и одржлив развој, велат од Министерството.
Проектот, додаваат, нема никаква поврзаност со „Скопје 2014“ и неговата единствена цел е санација на објектот, со што ќе се превенираат идни поплави и оштетувања на зградата. Дополнително, јавната набавка е целосно спроведена во согласност со важечките закони и процедури.
Од Министерството ги повикуват надлежните институции да постапат доколку постои сомнеж за евентуално незаконско постапување.
-Воедно, ја повикуваме СДСМ јавно да се извини за дезинформациите изнесени во јавноста. Доколку тоа не се случи, ќе бидеме принудени да поведеме постапка за утврдување на клевета и нарушување на угледот на министерот за надворешни работи и институцијата со која тој раководи, велат од МНР. нд/ац/
Фото: МИА архива