• среда, 25 декември 2024

Младите истражувачи можат да доставуваат трудови за Годишната награда на Народната банка за 2023 година

Младите истражувачи можат да доставуваат трудови за Годишната награда на Народната банка за 2023 година
Скопје, 10 ноември 2022 (МИА) - Народната банка ги повикува сите заинтересирани млади истражувачи да поднесат свој труд на Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2023 година, којшто беше објавен во јули на интернет-страницата.  Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2023 година, а право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2021 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Доставените трудови и информации ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер. Конкурсот, критериумите според кои ќе се вреднуваат трудовите и инструкциите за пријавување се објавени на веб-страницата на Народната банка на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-konkurs-za-dodeluvane-godisna-nagrada-na-narodnata-banka-na-republika-severna-makedonija-za-2023-godina.nspx.

-Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 100.000,00 денари. Но, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 50.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови, се вели во соопштението од Народната банка. 

Од Банката потенцираат дека постојано ја поттикнуваат научно-истражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, како што потенцираат од Народната банка, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на Народната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата. сст/дма/

 

Остани поврзан