• среда, 27 ноември 2024

Мијалков осуден на осум години затвор за „Трезор“

Мијалков осуден на осум години затвор за „Трезор“
Скопје, 13 април 2021 (МИА) – Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувања, е осуден на единствена казна во траење од осум години. На поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски, кој е недостапен на органите на прогонот му е изречена  единствена казна затвор во траење од 15 години. На поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, судот му изрече казна затвор од пет години. Двајцата како и Мијалков, се товареа за злоупотреба на службената положба и овластувања. Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски,  пак, кој се товари за помагање, е осуден на единствена казна затвор во траење од пет години. Во Основниот кривичен суд во Скопје пресудата за предметот „Трезор“ ја изрече судијката Џенета Бегтовиќ, која го води случајот. -Сашо Мијалков, како поранешен директор на УБК, никогаш не изготвил извештај за посетите во Лондон, во 2010 година, истакна судијката Џенета Бектовиќ, при објавување на пресудата за случајот ,, Трезор". - Обвинетиот Сашо Мијалков, заедно со другите обвинети умислено ги сториле кривичните дела при што договорите биле склучени со единствена цел стекнување на корист во полза на ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје, рече судијката Бектовиќ. Сите четворица обвинети од Судот се задолжуваат солидарно да ја надомест штетата направена на буџетот на државата. Воедно, со пресудата се конфискувани срества во износ од 10.819.959 денари на компанијата Финзи. Против пресудата дозволена е жалба во рок од 15 дена по добивањето на писмениот отправок од истата до повисокиот Апелационен суд. Предметот се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Според обвинението, наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, обвинетите договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата. Согласно обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра од буџетот на државата. Застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презема предметот од поранешното СЈО. вг/оџ/

Остани поврзан