• вторник, 24 декември 2024

Мишел: Неважните патувања остануваат ограничени

Мишел: Неважните патувања остануваат ограничени
Брисел, 25 февруари 2021 (МИА) – Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ги повика земјите-членки да ги почитуваат заедничките принципи кога станува збор за ограничувањата на патувањата, со цел да се спречи ширењето на пандемијата на Ковид-19, особено на новите мутации на вирусот. Лидерите на ЕУ наведуваат дека три нови мутации на коронавирусот веќе се раширија во многу земји-членки и оти неважните патувања и понатаму можат да бидат ограничени, а мерките пропорционални. - Мора да обезбедиме проток на стоки и услуги на единствениот пазар низ зелените коридори. Очекуваме Европската комисија да се погрижи овие правила да се почитуваат, рече Мишел. По состанокот со лидерите на ЕУ, претседателот на Европскиот совет повика на солидарност со трети земји во дистрибуцијата на вакцините, како преку инструментот Ковакс, така и преку механизмот на ЕУ за трансфер на вишок вакцини од земјите членки. - Се согласивме да продолжиме да ги делиме вакцините со соседите и партнерите. Здравствените работници треба да бидат први заштитени и нашата помош треба да ја добие секој што има потреба од тоа, вклучително и Африка, Западен Балкан, Латинска Америка и земјите од Источното партнерство, истакна Мишел. јт/

Остани поврзан