• сабота, 23 ноември 2024

Мишел: Ветото на грузиската претседателка за законот за „странско влијание“ ѝ дава на Владата „момент за размислување“

Мишел: Ветото на грузиската претседателка за законот за „странско влијание“ ѝ дава на Владата „момент за размислување“

Брисел, 18 мај 2024 (МИА) - Ветото на претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили на контроверзниот закон за „странско влијание“ и дава на Владата „момент за подлабоко размислување“, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Ги повикувам сите грузиски политичари и лидери добро да ја искористат оваа можност и да се погрижат Грузија да остане на европскиот пат поддржан од населението“, напиша Мишел на социјалната мрежа Икс.

Претходно денеска Зурабишвили соопшти дека ставила вето на законот, кој со недели предизвикуваше масовни протести.

Сепак, владејачката партија Грузиски сон има доволно мнозинство за да го отфрли претседателското вето и се очекува тоа да го стори во наредните денови.

Со законот се бара медиумите и невладините организации кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Критичарите на законот велат дека тој е премногу сличен на законодавството што го користи Кремљ за да ги замолчи противниците и дека ќе ја попречи кандидатурата на Грузија за пристапување во ЕУ. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан