• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Централниот комитет едногласно го одби мојот предлог за свикување на вонреден конгрес

Мицкоски: Централниот комитет едногласно го одби мојот предлог за свикување на вонреден конгрес
Скопје, 21 септември 2020 (МИА) - Централниот комитет едногласно го одби мојот предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што нема да се кандидирам и со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев се повлече од местото Генерален секретар на партијата, а Вело Марковски нов член на Извршниот комитет, изјави вечерава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Посочи дека на вечерашната седница на Централниот комитет имале отворена дискусија за неговото речиси тригодишно управување со партијата. - Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што нема да се кандидирам. Централниот комитет, откако ја напуштив салата, го одби едногласно моето барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски. Предложив, посочи тој, нов состав на Извршниот комитетет, кој го сочинуваат потпретседателите Александар Николовски и Владимир Мисајловски, поранешниот пратеник Иван Иванов, како и членовите кои по функција се дел - претседателот на Унија на млади сили Сергеј Попов и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски. - Останатите членови на ИК се Гордана Димитриевска Кочовска, која беше заменик технички министер во Министерството за финансии. Рашела Мизрахи, која едно време беше технички Министер за труд и социјала. Стефан Андоновски, кој досега беше советник во мојот кабинет. Марија Андоновска, докторант на стоматолошкиот факултет. Олга Лозановска, доктор и пратеник во Собранието. Понатаму Дафина Стојановска, која и досега беше член, Вело Марковски, Трајко Славевски, Владимир Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонио Милошоски, изјави Мицкоски. Поради лични причини, нагласи тој, се повлече досегашниот генерален секретар на партијата Игор Јанушев. - Во наредниот период ИК ќе биде проширен и со нови членови, нов генерален секретар, нов претседател на Унија на жени и нов претседател на Унија на ветерани. ВМРО-ДПМНЕ е столбот на државноста на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има една единствена цел, а тоа е победа на мафијата, неправдите и злото наречено власт на Зоран Заев, изјави Мицкоски. Нагласи дека проблемот не е Христијан, туку ВМРО-ДПМНЕ, кое е дел од македонскиот идентитет и целта е тој да биде урнисан, за многу полесно да се урне и куќата. Најави дека ќе продолжат протестите и во наредниот период, за кои, рече дека се елементарно право. - За се што не се согласуваме ние имаме право да протестираме и ќе продолжиме да протестираме. Се додека овие самобендисани мафијаши во владата мислат дека се знаат ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе продолжи да протестира, изјави Мицкоски. аа/бк/

Остани поврзан