• петок, 05 декември 2025

Мицкоски: Хидросистемот „Ѓавато“ се санира, во најскоро време ќе биде целосно функционален и оперативен

Мицкоски: Хидросистемот „Ѓавато“ се санира, во најскоро време ќе биде целосно функционален и оперативен

Ѓавато, Богданци, 22 август 2025 (МИА) - Пристапуваме кон системско санирање на хидросистемот Ѓавато и тој во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален, најави премиерот Христијан Мицкоски по денешниот увид во градежните активности за санација на Хидросистемот.

-Излеговме на самата траса од Хидросистемот „Ѓавато“ за лично да се увериме и видиме што се случувало повеќе од две децении откако е направен овој хидросистем за да направиме дијагностика по која потоа ќе постапуваме. Детектирани се места каде има пукнати цевки кои треба да ја донесат водата до базенот од каде со други пумпи водата ќе биде однесена во Дојранското Езеро, изјави Мицкоски и додаде дека три четири години хидросистемот функционирал со расипан цевковод.

Посочи дека благодарение на општествено одговорна компанија, се пристапило кон санирање на овие дефекти кои ќе бидат санирани во најскоро време. Премиерот очекува во наредните неколку дена да бидат санирани овие цевководи, со што ќе се зголеми огромен капацитет на вода којашто ќе доаѓа до резервоарот од каде со други пумпи потоа ќе биде пренасочена кон Дојранското Езеро.

-Морам да споменам дека станува збор за 2 бунарски потопни пумпи, капацитетот како што гледате овдека е 10, другите 8 не работат. Овие 2 имаат капацитет од 100 литри во секунда секоја иако вкупниот капацитет на хидросистемот е 1 кубик односно 1.000 литри во секунда. Во периодот што следи планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите во најскоро време Дојранското Езеро да го добие изгледот кој што заслужува за да го користат сите граѓани, подвлече Мицкоски.

Од Хидросистемот, како што кажа, корист ќе имаат и земјоделците кои ќе можат да ги наводнуваат своите посеви, како и градот Богданци кој во летниот период се снабдува со вода од овој хидросистем. Најави дека ќе се санираат и потисните пумпи кои ја туркаат водата кон Дојранското Езеро.

-На следната седница на Влада ќе донесеме одлука Фабриката за опрема и делови во склоп на РЕК Битола две од потисните пумпи да демонтира, да ги санира и повторно да ги врати и монтира. Добив информација од инженерите дека за десет дена можат да ги демонтираат, санираат и повторно да ги монтираат. На ова земјиште, кое е во државна споственост, во догледно време ќе бидат инсталирани соларни панели, бидејќи сметките за електрична енергија се 2,5 милиони евра годишно. Со инсталирање на сончеви панели и батериски системи сметките драматично ќе се намалат, а средствата што ќе бидат заштедени ќе се користат за одржување на цевководот и хидросистемот Ѓавато, нагласи Мицкоски.

Инсталираната моќност  на сончевите панели, како што рече, е проценето дека ќе биде околу 2 мегавати и 4 мегават часа батериски системии.

Со тоа сметките драматично ќе се намалат и заштедата ќе биде огромна и со средствата што ќе се заштедуваат ќе се користат за одржување на цевководот и за одржување на хидросистемот Ѓавато, а со тоа ќе се овозможи поголем достап на водата до земјоделците за наводнување на земјоделските површини, рече Мицкоски.

На крајот подвлече дека системски се пристапува кон санирање на Хидросистемот „Ѓавато“, а не како порано, како пред 3-4 години кога вработените апелирале кон претходната Влада за реашавање на проблемите, но не наоѓале на одговор од страна на надлежните.

Според заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашковска, извесно време се работи на санирање на системот, а како ресорно министерство работат во најскоро време да се решат проблемите. Овие зафати, додаде, се први за реконструкција и санирање на Хидросистемот „Ѓавато“. Посочи дека Министерството во буџетот за 2025 година има издвоено 2 милиони денари за изработка на проект за санација. рт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан