• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Остануваме со подадена рака до власта за национално единство за државните интереси

Мицкоски: Остануваме со подадена рака до власта за национално единство за државните интереси
Скопје, 14 февруари 2022 (МИА) - Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Кавадарци изјави дека како партија сè уште остануваат со подадена рака до власта за обезбедување национално единство и консензус по однос на прашањата од државен и национален интерес. - Јас не очекувам од луѓето коишто се слепи следбеници на „Заевизмот“, една политика која е жестоко поразена на изминатите локални избори на двапати ќе бидат рационални и ќе се издигнат над ситуацијата и ќе застанат еднаш во одбрана на македонското национално достоинство и да ги штитат македонските вредности. Јас подадов рака, таа рака се уште е подадена,  стојам на располагање. Секогаш кога ќе треба да се обезбеди единство, заедништво, консензус тука сме да зборуваме пред отворени врати, пред камери ако треба, на една отворена средба, да не се криеме. Немаме ние што да криеме. Зошто да криеме 5+1, 3+2, 2-3, итн, рече Мицкоски на новинарско прашање за коментар во врска со неговиот повик за градење национално единство упатен до премиерот Ковачевски. Според него, конечно треба да престанеме да се делиме и да се обединиме околу тоа што значат државни и национални интереси. - Јас ја подавам раката, ВМРО-ДПМНЕ е тука, стоиме на располагање, сакаме да се обединиме. Само сноп од гранчиња може да биде поцврст од секое гранче, рече Мицкоски кој присуствуваше на закројување на лозјата во Кавадарци. Претходно, премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање како го коментира повикот на лидерот на опозицијата Мицкоски за национално обединување, кога се во прашање интересите на државата, изјави дека единството и застапувањето на нашата држава се прави во законодавниот дом, а не со еднострани декларации, со кои, како што вели, само се попречува процесот на разговори што се водат со Софија во духот на европските вредности. – Таа изјава сметам дека воопшто не е искрена, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период единствено нешто што прави е креирање хистерија во однос на разговорите што се водат со Бугарија, исто така во рамки на подготовките за работните групи што ги формиравме со бугарскиот премиер и членовите на нивната Влада заедно со нашата Влада ние упативме покана и до опозицијата, при што таа беше одбиена, рече Ковачевски по денешното закројување на лозјата во Росоман. вг/свд/  

Остани поврзан