• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски од Струмица: ВМРО-ДПМНЕ е пред историски најголема победа

Мицкоски од Струмица: ВМРО-ДПМНЕ е пред историски најголема победа
Струмица, 30 јуни 2020 (МИА)-Ако некој некому му кажеше дека пред 30 месеци денеска ние ќе зборуваме за историски рекордна најголема победа на ВМРО-ДПМНЕ малкумина ќе се согласеа, но ние денес сме пред една таква победа, пред победа кога победува ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот, кога победува вистината, победува Македонија, порача вечерва лидерот на најголемата опозициска партија и Коализијата за обнова, Христијан Мицкоски од предизборната средба во Струмица. Според него, од конгресот во Валандово, кога тој застанал на чело на партијата, па до денес била исполнета целта да се предизвикаат предвремени парламентарни избори, на кои како што рече ќе го победат ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. Ги повика граѓаните уште рано наутро,во 7 часот на 15 јули, како што вели,колони народ ширум Македонија да излезат и гласно да зборуваат позади гласачкото место. Најави дека по победата ќе ги засукале ракавите и пеколно и макотрпно ќе работеле за Македонија, оти требало да се обновува од пепелта во која ќе ја наследеле и нови темели требало да постават. Повтори дека СДСМ можел, ама требало да сака и да умее. Но, тие ниту сакале, ниту умееле и дека поважни им биле дебелите фотелји и да уживаат во комфорот и луксузот, во климатизираните лимузини кои биле купени и платени од парите на народот и дебелите персиски килими кои ги газеле во владините институции. Можеле, рече, да донесат подостоинствен живот на граѓаните, но ги понижиле и омаловажиле. -На овој плоштад во Струмица велеа дека ќе донеле правда и мир. Од правдата доненесоа по некое куферче „Луј витон обвинителство“ и по некоја „трас трас“ судска одлука. А од мирот донесоа само немир во душите на оние родители на оние дечиња кои што останаа без своите родители, борејќи се за нашата држава во Диво Насеље. Немир донесоа во семејството на покојниот Нешковски, Јанушев, Кољо, а денеска патриотите робуваат по 15-17 години, а убиецот на Кољо доби казна од три години. Ете таква правда донесоа. Се колнеа дека пред изборите во 2016 година ќе ја дознаеме вистината и за Младенов и за дечињата од Смилковско и за Нешковски. А што дознавме. Прва работа којашто ја направија ги ослободија од затвор тие што го направија тоа монструозно дело и заедно со господинот Зоран Заев гордо се сликаа пред судот, за слободата која што ја добија од Зоран Заев, подвлече Мицкоски. Образлагајќи ја изборната програма на неговата партија, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, како што рече, овде од родната Струмица на Заев дека во првите шест месеци ќе одговарале сите кои што се огрешиле пред законот, без разлика дали биле политички определени или не, дали биле СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ или кој било друг. -Секој оној што ќе биде дел од владата на ДПМНЕ и ќе има некаква задача, должност треба да знае дека веќе нема луксузи, нема привилегии. Државата треба да се обновува. Нема веќе богатење на грбот на народот, не може веќе да му се нанесува таква неправда на овој осиромашен и понижен народ. Тоа јас го ветувам и ви го кажувам со мојот образ и чест, додаде претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски. Ги најави проектите од изборната програма која е наречена „Читанка-Проект обнова“, во која со над илјади проекти, напишани на 360 страници. -Ние не можеме да ветиме чуда, не сме волшебници, но можеме да ви ветиме честита работа, деноноќна работа, последниот атом енергија ќе ги вложиме за нашиот народ, за нашата држава и во овие 360 страници ќе најдете за секого. Ќе имаме повисоки плати за 25 проценти од тоа што е денес, имаме повисоки пензии за достоинствен пензионерски живот од 20 проценти, ќе имаме илјади километри нови и реконструирани патни правци, регионални и локални, ќе имаме повеќе од 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции, ќе имаме повеќе од 640 милиони евра за земјоделците, редовни субвенции, а не субвенции заради уцена само пред избори, редовни од 1 до 5 во месецот, загарантиран откуп со јасна методологија и начин како тоа ќе го правиме, а за младите еден универзитет во првите 1000 во светот, рече на крајот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на средбата во Струмица. Пред присутните се обрати и носителот на листата на Коалицијата за обнова во изборната единица број 4, Александар Николоски, кој во најголем дел зборуваше против лидерот на СДСМ, Заев. -Сакам да ви кажам зошто решив да дојдам тука, во четвртата изборна единица. Јас не сум од Струмица, ниту пак сакам да глумам поголем локал патриот од било кој тука.Ниту сум од Радовиш, ниту сум од Гевгелија и да не ги бројам сите места од четвртата изборна единица. Ама сакав да дојдам тука за овој којшто глуми голем локал патриот да го извадам на чисто и заедно со вас, со водство на претседателот на партијата да го испратиме на најтемните страни на историјата, затоа што таму му е местото, рече Николовски. На средбата во Струмица се претставија и кандидатите за пратеници Ели Панова, Јадранка Поцкова и Владимир Ристов. рт/вг/

Остани поврзан