• петок, 05 декември 2025

Мицкоски од општина Ѓорче Петров: Црвените линии на СДСМ и Венко се нов подарок за Бугарија, на 19 октомври да го заокружиме бројот 9 за Македонија да победи

Мицкоски од општина Ѓорче Петров: Црвените линии на СДСМ и Венко се нов подарок за Бугарија, на 19 октомври да го заокружиме бројот 9 за Македонија да победи

Скопје, 4 октомври 2025 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Ѓорче Петров  во рамки на кампања за локалните избори 2025 истакна дека овие избори се одлука дали ќе одиме напред или ќе се вратиме назад. Со заокружување на бројот 9 на 19 октомври бираме програма и план со кој општините и државата ќе станат современо и убаво место за живеење, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ кое МИА го пренесува интегрално. 

Мицкоски нагласи дека 15 месеци владата ги гради темелите кои претходно СДС и ДУИ 84 месеци ги рушеа и ги упропастуваа.

„Оваа Влада е на позиција и ја има одговорноста пред граѓаните точно една година и три месеци. Во овој период од 15 месеци ги градевме темелите кои претходно 7 години, цели 84 месеци, ги рушеа и целосно ги упропастуваа. Кренавме држава пред банкрот. Кога го слушам Венко Филипче, излегува како тие никогаш да не биле власт во оваа држава. Како да не беше тој најсигурниот министер на кој Зоран Заев се потпираше. Тој денес ни објаснува дека во негово време и во време на неговиот ментор подобро се живеело, и дека тие двајцата се бореле за сопствениот дом, а ние не сме се бореле. Ова е врвно лицемерие. Тоа беше време кога 500 илјади граѓани живееја со само 150 денари дневно. Единствен „подарок“ за животниот стандард беше инфлацијата, која редовно беше двоцифрена и го јадеше стандардот на граѓаните. Се сеќавате ли на скандалите, тендерите во РЕК, фирмите на поединци кои добиваа работа и провизиите што транспарентно ги редеа во свои џебови?“ кажа Мицкоски.

Мицкоски ги потенцира скандалите на СДС и Филипче и истакна дека СДС и ДУИ се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена.

„Венко сака да ни објасни дека се грижеле за нашиот дом, а пред само 15 месеци, немаше ден без скандал. Предавство по предавство правеа. Се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена. Прво беше промената на името, потоа договорот за пријателство со Бугарија, со кој ја отворија Пандорината кутија, што денес нè доведе до оваа ситуација до која што сме а потоа следеше прифаќање на оној бугарски ултиматум. Вчера го слушав како се повикува на АСНОМ. А заборава дека тој и неговиот учител, ментор, се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на Втората светска војна во Македонија биле ослободители, биле администратори а не окупатори. Дека јазикот ни „паднал од небо“ последните децении и дека нема историски континуитет. Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна  и партизан а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна“, нагласи Мицкоски.

Мицкоски: Судството мора да биде независно и да има правда за сите, по овие избори лично ќе се позанимавам со ова

СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ, рече во своето обраќање Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг во општина Ѓорче Петров, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.

-Сакам уште една работа да одговорам околу неговата „чесност“. Ја слушам и гледам една валкана кампања која ја тераат неговите прокси играчи и дебело платени мегафони со украдените пари. Слушаме приказни за тоа колку власта била нечестна, иако 7 години беа на власт, трипати ни го чешлаа секој денар и видоа дека нема ништо. Но, ајде да зборуваме за нивната чесност. Се сеќавате ли дека Венко Филипче заборави да пријави дека во Бугарија има фирма? Се сеќавате ли дека фирми кои работеа во РЕК префрлаа пари во Бугарија на други фирми блиски до струмичкото лоби и до братот на поранешниот премиер?“, запраша Мицкоски.

 Претседателот Мицкоски потсети и на ковид вакцините, кои претходната влада ги имаше набавено преку фирми од, како што вели тој, втора рака, и кои беа тројно поскапи од оригиналните цени.

„Се сеќавате ли дека набавуваше вакцини против ковид од Кина по ултра дебели провизии, преку фирми втора рака, по трипати повисока цена од оригиналната? Се сеќавате ли дека монтажната зграда која му изгoре на Филипче се градеше без одобрение, а тој нè убедуваше дека „кабелот е крив“? За сите овие работи Филипче треба да одговара. Но, кога ќе се покрене тоа прашање — молк. Зошто?“, рече Мицкоски и додаде:

„Затоа што над 80 кривични пријави и случаи, за кои имаше и јавно објавени гласови и пријави во обвинителството, се ставени во фиока. Зошто? Затоа што таму 7 години се редеа послушни партиски кадри. Седум години имаа енормни скокови во кариерата луѓе блиски до струмичкиот клан и до Венко. Затоа СДСМ не гласаше за промена на Коцевски, затоа што судството и обвинителството се последната гранка на која седи раководството на СДСМ. А кривичните пријави кои ги поднесовме се длабоко ставени во фиока и заклучени. Клучот е кај Венко“.

Мицкоски истакна дека судството во земјава мора да биде независно и мора да има правда за сите, а додаде и дека по локалните избори следуваат промени затоа што судството мора да се ослободи од партиски и криминални стеги.

„Затоа, по овие избори, лично ќе се позанимавам со ова. Затоа што судството мора да биде независно и да има правда за сите. Знам дека таму не се собрани само интересите на СДСМ, туку и на ДУИ и на сите криминалци заедно. И нека се лутат колку сакаат, но ќе кажам: не само што не ги заслужуваат платите, туку и тие им се превисоки за таа неработа. Се разбира, има исклучоци, но сите други ја прават сликата јасна — ќе има промени и одговорност во судството и обвинителството. Македонија мора да успее и да победи. Затоа овие избори се важни. Да испратиме порака дека доаѓа крај на лицемерието, крај на криминалот и дека народот е посилен од ова сидро кое ја влече државата надолу. Затоа ќе победиме и ќе работиме за заедничка иднина“, заклучи Мицкоски.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан