• четврток, 07 ноември 2024

Мицкоски од Кичево:15 јули победува Проектот Обнова, доаѓаат најдобрите четири години

Мицкоски од Кичево:15 јули победува Проектот Обнова, доаѓаат најдобрите четири години
Кичево, 1 јули 2020 (МИА) - Човек што има крајна цел вреди да се бори, ајде сите заедно, кога ни е најпотребно да се обединеме и на 15 јули да излеземе да гласаме. Кога е најтешко човек треба да не се повлекува, ова не се обични избори, да ја почнеме обновата, а на 15 јули да биде историска најголема победа, рече лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во Кичево. Тој рече дека на 15 јули победува Проектот Обнова и додаде дека доаѓаат најдобрите четири години. На кичевци Мицкоски им ја образложи Обнова, програма на 360 страници која, како што рече, е создадена заедно со луѓето низ државата поради нивните проблеми и потреби. - Се обврзуваме на најмалку 25 проценти зголемување на минималнате плати и пензии, се обврзуваме на најмалку 1000 километри реконструкција на патиштата, се обврзуваме на најмалку 640 милиони евра субвенции, загарантирано откуп во еден мандат.Се обврзуваме на 1000 политики за вас, истакна Мицкоски. Додаде дека читанката насловена „Проект обнова " ќе биде водилка за Владата и основа за иднината. Мицкоски истакна дека две недели ги делат до рекордна историска победа, до победа која, посочи, ќе ја направи Македонија исправена, до победа на европска Македонија, богата Македонија, Македонија мајка за сите. - Тоа е Македонија која ќе ја добиеме по 15 јули, а потоа да ги засукаме ракавите и да ја обновиме зошто во пепел ќе ја најдеме. Да се обединиме  сите, сме се спротивставувале и на многу поброен и помоќен противник од СДСМ. На 15 јули рано наутро да го заокружиме број 14, да заокружиме за маестро Дурловски, сакам дома, почитуван надвор, рече Мицкоски. Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ова е можеби одлучувачкиот момент, иако се ова најнеобични избори поради пандемијата со корона. Но, како што рече, поминавме лошо поради некомпетентноста и таа трае подолго кај нас поради неспособноста на власта. - Затоа сме на дното во регионот и Европа. Џабе безвизен режим и се што правевме затворени сме. На 15 јули да се заштитиме и да излеземе да ја поддржиме Македонија. Затоа сакам да ви порачам дека деновиве некој од СДСМ ќе дојде и ако собере храброст ќе ве убедува дека може. Да, можеа, но тоа е минато завршено време. А да за три години можеа многу да направат, да направат многу подостоинствен живот, да донесат правда, а тие ја опустошија Македонија, ја опљачкаа, гледаме само криминал и корупција на сите страни, а можеа да ја направат Македонија пристојно место за живеење а тие не засрамија, не засрамија сите, кажа Мицкоски. Мицкоски вети 30 илјади просек плата, повисоки пензии, подобар стандард, многу инвестиции како македонски така и странски, но и дека ќе донесат правда и мир. - Во читанката Проект Обнова се вели и тоа ќе се реализира за 25 проценти зголемена плата, за 20 проценти поголеми пензии, минимум 4 милијарди евра домашни и странски инвестиции, за бизнисмените најнизок данок од 8 проценти, ја напуштаме методологијата за прогресивен данок. Кога го пишувавме делот за правото и правдата внимававме да го ослободиме Луј Вутон обвинителството и трас-трас судството, рече Мицкоски. Вечерва говореше и носителот на листата во Изборната единица број пет на коалицијата за Обнова на Македонија Игор Дурловски кој потенцираше дека кичевци ќе ја испишат историјата бидеќи, подвлече, историјата ја пишуваат победниците. - Доста со тие потценување, или си за Македонија или не си. Јас сум до овие луѓе бидејќи знаат и можат, рече меѓу другото Дурловски. На граѓаните им порача дека македонскиот народ и покрај бурните премрежја секогаш излегувал посилен. - Македонскиот народ се спротивставува на неправдата, понекогаш со молк знае да победи, затоа сум убеден дека Кичево ќе се спротивстави на она што бевме сведоци во изминатите три години. Доста е од таа арoгaнација кон народот потценувајќи се што е македонско. Сега се решава историското прашање или си со Македонија или си против. Мора да си ја земеме судбината во свои раце. Од 15 јули ќе ја пишуваме историјата бидејќи историјата ја пишуваат победниците, рече Дурловски. Според него сериозните проблеми бараат сериозен пристап, но и чесни луѓе, кои, како што рече ги препознал во ВМРО-ДПМНЕ. рз/цр/

Остани поврзан