Мицкоски на средба со Бајер: Изборите се шанса за промена
- Потенцирал дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ професорката Гордана Силјановска Давкова е најсериозен избор за шеф на државата, бидејќи според него, таа е човек со принципи која ќе успее да ја направиме Македонија горда земја како на внатрешен, така и на надворешен план.
Скопје, 16 април 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска остварил средба со Питер Бајер, пратеник во германскиот Бундестаг, на која се разговарало за актуелна политичка состојба и претстојните претседателски и парламентарни избори.
Мицкоски, како што соопшти партиската прес-служба, го информирал Бајер дека во тек е кампањата за избор на претседател на Република Македонија, а за два дена почнува и кампањата за парламентарните избори.
Потенцирал дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ професорката Гордана Силјановска Давкова е најсериозен избор за шеф на државата, бидејќи според него, таа е човек со принципи која ќе успее да ја направиме Македонија горда земја како на внатрешен, така и на надворешен план.
Во однос на претседателската кампања, Мицкоски додал дека Силјановска Давкова се соочува со низа навреди и ширење на говор на омраза од страна на актуелниот претседател на државата од СДСМ, Стево Пендаровски.
Мицкоски искажал загриженост за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, додавајќи дека најнов шамар за владата на СДСМ и ДУИ е токму извештајот на Фридом Хаус во кој е нотирано дека Македонија не бележи никаков напредок во борба со корупцијата, како и дека институциите не се во служба на граѓаните, стои во соопштението.
Според него, поради ваква лоша состојба во која се наоѓа државата, граѓаните на 24 април и 8 мај ќе изберат промени.
Мицкоски се заблагодарил и на досегашната соработка и поддршка и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во следниот период. нд/ац/