• понеделник, 16 декември 2024

Мицкоски: Направивме се како народ, ред е на Европа да направи нешто за возврат

Мицкоски: Направивме се како народ, ред е на Европа да направи нешто за возврат

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Ал џезира“, говорејќи за внесувањето на Бугарите во Уставот истакна дека ставот на Владата по ова прашање е јасен и непроменет и дека во таа насока треба да се даде одговор на две прашања, односно која е причината за внесување на Бугарите во Уставот и што добиваме ние како држава од тоа.

-Првото прашање има едно потпрашање. Велиме, во ред еве, дали нечии права човекови се забранети или се ограничени затоа што не се дел од Преамбулата на нашиот македонски Устав. Тогаш се поставува дилемата, во ред може да е тоа така, но која европска институција е задолжена да суди дали нечии човекови права се ограничени или нарушени. Тоа е Судот за човекови права во Стразбур. Ако ги видиме одлуките на овој суд поврзани со човековите права во регионот ќе дојдеме до заклучок дека 14 пресуди доаѓаат од оваа европска релевантна институција за македонската заедница во Бугарија дека нема право, односно дека нивните човекови права или се ограничени или се нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Четиринаесет со нула, значи не е тоа причината. Ајде тогаш да видиме што е причината и што добиваме ние, кажа Мицкоски.

Тој, како што соопшти владината прес-служба, запраша дали некој нас ако ова го направиме ни гарантира дека ова е последното кое што треба да го направиме.

-Бидејќи гаранции дека ова е последното слушаме уште од раните 90-ти кога променивме име, променивме знаме, променивме банкноти, територијални распределби, имавме воен конфликт, неколку пати менувавме Устав и секогаш пораката од Брисел беше, само уште ова и вие сте најдобрите во одделението и вие сте тие коишто ќе бидете први, но за жал сите поминаа, а ние се уште останавме во ходник да чекаме вратата да ни ја отворат, да седнеме и да преговараме, потенцира Мицкоски.

Додаде дека ваквата политика мора да престане и дека тој лично во политиката не е за да се збогати туку за да остави историска трага преку штитење на интересите на македонскиот народ.

Мицкоски потенцираше дека македонскиот народ направил сѐ како ниту еден друг народ и дека сега е ред на Европа да направи нешто за возврат, а декемврискиот состанок на Европскиот Совет беше доказ дека кога се сака се може.

-Ние како народ направивме сѐ, како ниту еден народ што направил во Европа, којшто доаѓа од земјите кои порано беа дел од Варшавскиот пакт, како ниту еден народ што направил. Сега треба Европа да направи нешто за нас и тоа го видовме дека кога се сака се може, уште на декемврискиот состанок на Европскиот Совет кога немаше консензус околу едно клучно геостратешко прашање и кога правилото на еден глас беше заменето со правилото на минус еден човек во просторијата, истакна тој.

Посочи дека решението кое го нуди Владата е одложена примена на тоа што преставува услов, односно на уставните измени.

-Ако навистина постои желба во Брисел да ја види нашата држава, да ги види граѓаните да бидат дел од европското семејство тогаш има начин како тоа да се реши и ние решението го понудивме и тоа е одложна примена на тоа кое што преставува услов. Ние можеме тој процес да го започнеме, да го завршиме, но да важи тогаш кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол во рамките на парламентите на 27-те земји членки. Простете, но ние доволно направивме. Сега треба вие да покажете малку комитмент, односно вие да направите нешто за овој, би рекол, еден од најмалобројните народи во Европа, а тој е македонскиот народ и граѓаните, рече тој.

Во однос на Грција, рече дека добрососедските односи се двонасочна улица.

-Не се согласувам со вашата констатација дека не го почитувам договорот од Преспа. Не сум среќен со тој договор, знаете како тој договор беше донесен во Парламентот, кога пратеници за уши се носеа, а претходно притвораа и затвораа, се уценуваа за да гласат за тоа што се случи тогаш. Но, тоа е во функција, тоа е реалност. Јас пред четири години самиот кажав дека овој договор е реалност и покрај тоа што трпев големи политички напади од крајната десница или левица.. Така што сè што е содржано во договорот го почитувам, целокупната официјална, формална, институционална комуникација е апсолутно со придавката, вели Мицкоски.

Тој рече дека вистинското прашање е зошто другата страна односно Грција не го почитува Договорот од Преспа.

-Почитувањето е двонасочна улица, мораме така да се однесуваме, не смееме да имаме двојни стандарди, треба да имаме принципиелен однос, јас така се однесувам како човек сум принципиелен и така ќе продолжам да се однесувам во животот, за разлика дали на тоа некој му се допаѓа или не, рече тој.

Премиерот Мицкоски нагласи дека доколку се анализира добро Договорот од Преспа ќе се види дека македонската стана има многу повеќе направено од тоа што таму го има, укажувајќи дека односот од Грција не е зрел бидејќи освен декларативна нема суштинска поддршка за интеграција на Македонија во рамките на Евроатланските институции.

Премиерот Мицкоски оцени дека граѓаните изминатите седум години биле жртви на поданичкиот однос од страна на претходната власт, за која како што рече не направиле ништо добро во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. нд/вг/

 

Остани поврзан