• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски и Стојкоски извршија увид на завршните работи на пречистителната станица во селото Орман

Мицкоски и Стојкоски извршија увид на завршните работи на пречистителната станица во селото Орман

Скопје, 26 октомври 2023 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски и пратеникот Бојан Стојаноски денеска извршија увид на завршните градежни работи на новата пречистителна станица во селото Орман.

- Секогаш кога се пушта нешто ново, за мене претставува чест и задоволство да бидам дел од таков настан, исклучително значаен настан за жителите на ова населено место. Разговаравме со изведувачот на активностите, станува збор за целосно македонски производ и навистина јас ги охрабрувам и останатите општини, без разлика дали се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи или од другите политички партии, воедно да ги подобрат условите за живот за граѓаните, а од друга страна да инсталираат македонски производ кој е поефикасен и многу поевтин споредено со она кое е присутно на пазарот но е увозно и со технологија која е неколку децении стара, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека и покрај тешкотиите со кои се соочува општина Ѓорче Петров, наследени обврски од минатото, големи долгови, градоначалникот, заедно со неговиот тим, ги реализира проектите кои беа дел од кампањата за локалните избори во 2021 година.

- Како и секаде во Македонија има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата знаете оваа влада на ДУИ и СДСМ, гледа да прави притисок, да ги кочи, да одземе ингеренции, но добрата вест е што за неколку месеци од денес ќе имаме влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која во еден четиригодишен мандат преку децентрализација на средства од централниот буџет кон општините планира да реализира помеѓу 20 и 22 милиони евра инвестиција овде во Ѓорче Петров за капитални проекти, градинки, училишта, канализациски системи, ваков тип на системи со пречистителни станици, водоводни системи и така натаму, нови улици, асфалт, нешто што претставува потреба на граѓаните овде во Ѓорче Петров но и насекаде во Македонија, истакна Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски нагласи дека е многу горд на пречистителната станица оти, како што рече, таа е македонски производ и сите компоненти на оваа пречистителна станица се македонски.

- Истата таа пречистителна станица ги задоволува најсовремените европски и светски стандарди за третман на отпадни води. И работи по принципот на биолошки филтер со микроорганизми и ќе задоволи капацитет во моментот некаде и до 1.200 еквивалент партиципиенти зборувам како население во овој дел на селото. Самата изградба на пречистителна станица финансирана е со 20 отсто од Општина Ѓорче Петров, исто толку и Министерството за локална самоуправа, а остатокот од парите се финансирани преку ЕУ, преку проектот за меѓугранична соработка со општината Ново Брдо во Косово. И тоа ни даде еден дополнителен мотив бидејќи е прв проект во општината којшто го работиме со меѓународна поддршка и прекугранична соработка, рече Стојковски.

Тој посочи дека со изградбата на оваа пречистителна станица и фекалниот колектор од 600 метри којшто го направила локалната самоуправа, затворен е процесот со решавање на фекалните води во селото Орман.

- Претходно, преку програмата на ТАВ се реализираше целосно нова примарна и секундарна канализациска мрежа овде со вкупна должина некаде околу 3.600 метри. Тоа ќе значи еден голем благодат за луѓето во овој дел на Ѓорче Петров и исто така ќе значи многу за зачувување на животната средина во овој дел бидејќи сите тие септички јами коишто досега постоеја во овој дел ќе заминат во историјата, потенцира Стојковски, додавајќи дека во руралниот дел на Ѓорче Петров, ова е втора пречистителна станица.

Тој потсети дека пред повеќе од десет години била отворена пречистителна станица во селото Ново Село којашто служи да ги прими водите на Волково, Ново Село, Кисела Јабука, Стопански двор. ир/цр

 

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан