• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски за случајот Блерим Рамадани: Да не дозволиме нашите соседи да не користат за меѓусебно покажување мускули

Мицкоски за случајот Блерим Рамадани: Да не дозволиме нашите соседи да не користат за меѓусебно покажување мускули

Скопје, 16 август 2024 (МИА) – Случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива два проценти доверба кај граѓаните и се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава, смета премиерот Христијан Мицкоски. 

Во однос на тоа дали има информации каде се наоѓа Блерим Рамадани, Мицкоски вели дека „не е прашањето каде е тој, туку зошто е одлучено да биде во домашен притвор“ и дека тоа е „ прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува“.

-Што се однесува до лицето Блерим Рамадани можам да го кажам следново. Ова не е прв случај. Првиот случај се случил во 2016, а вториот случај во 2019 година. Ова е трет случај за којшто јас сум запознаен. Ме прашавте дали имам информација каде е, знам каде не е. Не е во домашен притвор. Е сега прашањето е зошто е одлучено да биде во домашен притвор. Затоа што одлуката во 2019 година на Врховниот суд е многу јасна - кога тогашното лице кое што било во екстрадикциски притвор е ослободено. Зошто овој судија којшто во минатото е познат по многу контроверзни судски одлуки меѓу кои и онаа за насилниците и тепачите од МНАВ носи одлука која што го суспедира како тоа е наречено судската пракса и ја надсинхоринизира одлуката на повисокиот суд, а тоа е Врховниот суд тоа е прашање кое што треба многу сериозно да се разгледува, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија.

Според Мицкоски, зошто ова прерасна во политичка тема, е исто така прашање кое што треба да се разгледува и многу сериозно да се анализира, но и, како што нагласи, „уште една потврда дека правосудниот суд не за бадијала ужива 2 проценти доверба кај граѓаните и се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава“. 

-Ова не требаше да биде тема. И апелирам до сите вас да не дозволиме нашите соседи да ја користат нашата држава како прокси во покажување меѓусебни мускули. Јасна е судската пракса – дали нас ни се допаѓа или не, тоа е друга тема. Но, Врховниот суд во 2019 година има донесено одлука со која што тогашното лице кое што е заробено како резултат на меѓународна потерница од Србија во екстрадиционен притвор е ослободено. Зошто овој судија прави ваква судска гимнастика, инженеринг, тоа е веќе друга анализа, рече Мицкоски. 

Сега сум политичар и немам право да коментирам судски одлуки, рече Мицкоски, нагласувајќи дека „има институција која што се уште е важечка, се вика Судски совет, нека се занимаваат тие“. 

Прашан дали стапил во контакт со српските власти за Рамадани, како што побарале вчера, Мицкоски, повторно повика да не се дозволи „нашите соседи да покажуваат мускули кај нас“, порачувајќи дека „пред никого не поднесува објаснувања“.

-Така што, ве молам да не дозволиме, повторно апелирам нашите соседи да покажуваат мускули кај нас. Инаку, јас пред никого не поднесувам објаснувања, можеби еден ден пред еден којшто никој не го гледа, истакна Мицкоски. аа/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан