• вторник, 24 декември 2024

Мицкоски за претресот во Академијата за судии и јавни обвинители: Има индиции за создавање центар на моќ во обвинителството и судството

Мицкоски за претресот во Академијата за судии и јавни обвинители: Има индиции за создавање центар на моќ во обвинителството и судството

Битола, 26 јули 2024 (МИА) - Поради индиции за злоупотреби и создавање еден центар на моќ во обвинителството и судството, полицијата влезе во Академијата за судии и јавни обвинители, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при 
посетата на Битола.

Тој нагласи дека Владата континуирано ќе продолжи да се бори против криминалците во правосудниот систем и оти, според него, правда мора секој да добие.

- Има индиции за создавање еден центар на моќ во обвинителството и судството, кој што е партиски октроиран, преку наместени огласи, избори и слично. Такви индиции има, дали тоа ќе се потврди ќе каже МВР. Но, доколку се потврди од тоа што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор дека навистина имаме партиски опструирано и заробено и обвинителство и судство и не ме чуди што довербата е само два проценти, рече Мицкоски.

Според него, се работи за исклучоци и оти чесните обвинители и судии се во втор план.

- Овие се во прв план, малкумина, и затоа состојбата е таква каква што е, односно довербата е скромни два проценти. Ние ќе продолжиме и понатаму, нема тука да застанеме како Влада. Мора граѓаните да добијат правда, бидејќи тоа е она со кое што излеговме уште за време на кампањата на претседателските избори во 2019 година, истакна Мицкоски.

Припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал вчера влегле во Академијата за судии и јавни обвинители и одзеле два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата. Сознанијата за можно сторено дело, според Јавното обвинителство, добиле при анализа на телефонот на осомничен јавен обвинител. сс/ац/

Фото: Влада

Остани поврзан