• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски до Груевски: Немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт

Мицкоски до Груевски:  Немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска преку Фејсбук објава му се обрати на поранешниот претседател на партијата и екс премиер Никола Груевски, порачувајќи му дека нема намера со јавни преписки да биде дел од сценарио за создавање раздор во корист на оваа власт. 

-Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам. Нема потреба од дијалог преку медиуми, но бидејќи ми се обрати со статус само еднаш ќе ти одговорам на ист начин: Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт. Еден ден кога ќе се видиме очи во очи ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш, објави Мицкоски.

Тој додаде дека нема да дозволи да се заборави што прави, како што вели, оваа криминална власт за да остане подолго.

-Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане се подолго креирајќи атмосфера каде се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам, бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде се оди против волјата на граѓаните. А нас политичарите народот не бира и ние одговораме пред народот за нашите постапки. За Македонија не смее да има пазар и договори под маса. Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018-та, ова е друго време. Како велеше „вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе", а вистината ја знаеме и јас и ти..., но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно, објави Мицкоски.

Груевски вчера го повика Мицкоски јавно да одоговори во врска со неговите тврдења за германски ФАЦ.

-Во врска со изјавата на Христијан Мицковски за германскиот медиум ФАЦ а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања:
1. Дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум,
2. Доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата. Се надевам дека одговорот ќе е јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка“, објави вчера Груевски на неговиот Фејсбук профил.

Мицкоски, пак, за а германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг" изјави дека Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата. Тој, како што пренесува Дојче Веле, наведува дека „за да издејствува уставни измени,  Владата подготвува валкани дилови“.

Според Мицкоски, Владата верува дека може да ја подели опозициската партија, но, како што истакнува, тоа нема да успее. 

-Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања, вели Мицкоски и посочува дека доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш ќе нема никакви промени на Уставот. ац/лв/

Фото: МИА архива, Фејсбук принтскрин

Остани поврзан