• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Денот на ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, образованието е клучно

Мицкоски: Денот на ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, образованието е клучно

Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) - Денот на ромскиот јазик е потсетник дека мораме да го зачуваме овој јазик, да го негуваме и да се погрижиме дека ќе продолжи да живее и да се развива. Грижата за јазикот е и грижа за иднината на ромската култура и нејзините вредности. Со поддршката на образованието, културните манифестации и меѓународните иницијативи, можеме да бидеме сигурни дека ромскиот јазик ќе продолжи да биде дел од нашето културно богатство, истакна премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик.

Мицкоски рече дека во последните неколку децении се прават сериозни напори за заштита и унапредување на ромскиот јазик и кутлура но дека се уште има многу предизвици бидејќи ромскиот јазик е под закана од губење поради асимилиација и недостатокот од системска поддршка.

- Образованието е од клучно значење. Образованието треба да биде достапно и инклузивно за сите, бидејќи само така ќе можеме да изградиме општество кое ги почитува сите култури и различности. Образованието не треба да биде привилегија – тоа треба да биде право достапно за секој млад човек, без разлика на неговото потекло, економската состојба или етничката припадност. Но, за жал, постојат предизвици што спречуваат многу млади да ја добијат оваа шанса. Некои од нив се економските бариери, недостатокот на ресурси, и нееднакви можности. Овие предизвици мора да ги надминеме заедно. Наша задача е да изградиме систем кој ќе овозможи квалитетно и достапно образование за сите. Токму затоа, инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината. Со вложување во образованието, ние вложуваме во градење генерации кои ќе бидат подготвени да ги решат проблемите на иднината. Младите кои ќе создаваат иновации, ќе промовираат позитивни промени, практично градат посилно и поодговорно општество, порача Мицкоски.

Според Мицкоски, денешниот ден е потсетник и дека е потребна заедничка работа за поголема инкузија и поддршка на ромската заедница. 

- Сите ние, без разлика на етничката, религиозната или културната припадност, сме дел од една голема заедница – заедницата на човештвото. Само заедно, со меѓусебно почитување и разбирање, можеме да создадеме свет каде што секој јазик, култура и секоја приказна ќе имаат еднакво значење и ќе бидат слушнати и почитувани. Нека овој ден биде инспирација за сите нас да ги почитуваме различностите, да го негуваме јазикот и да се стремиме кон поголема солидарност. Нека ромскиот јазик продолжи да живее и да се развива, носејќи го со себе духот и мудроста на неговиот народ, рече премиерот на одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик. бак/са/

Фото: Влада

Остани поврзан