• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Владините партнери ќе потрошат 30.000.000 денари за прослава на Рамковниот договор, кога најмалку е време за славење

Мицкоски: Владините партнери ќе потрошат 30.000.000 денари за прослава на Рамковниот договор, кога најмалку е време за славење
Скопје, 12 август 2021

Во време кога граѓаните едвај крај со крај врзуваат, илјадници ги загубија своите работни места, за само три и половина години го задолжија секое македонско семејство за фантастични 5200€, денес Македонија гори, воведуваат мерки како во средината на 20тиот век, криминалот и корупцијата се владиното заштитно име, Македонија е во првите пет според бројот на починати од корона и меѓу последните пет според бројот на вакцинирани, владините партнери одлучиле да потрошат 30.000.000 денари народни пари за прослава на Рамковниот договор.

Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи. Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење.

А во меѓувреме каква е реалноста? Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово и после 4 години се уште не е реновирана. Нема ниту збор од канализацијата во Другово.

Неколку километри автопат кон Косово и после година и половина не е мрднат од почетна точка. Исто болат солзите на мајката Македонка, Албанка, Турчинка, Ромка, Србинка..., кога се разделува од сопственото чедо кое заминува во туѓина поради тоа што не добило шанса во Македонија и уште многу, многу порази....

Парадата ќе заврши, парите ќе се потрошат, коктелот ќе се испие, славењето ќе помине, а реалноста ќе остане, а таа реалност боли, пече поради неспособните политичари.

Тие од Владата ќе продолжат да ме навредуваат со сиот гнев што го имаат кон мене, тоа го прават 4 години затоа што се уплашени, крајот доаѓа, а со крајот и одговорноста, но заедно со одговорноста нудиме чест, визија, многу работа и иднина. Вие, граѓаните за нешто повеќе од два месеци одлучувате во каква Македонија сакате да живеете!

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ ________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан