• четврток, 30 јануари 2025

Мицкоски: Борбата против сајбер хибридните напади е заштита на суверенитетот на државата

Мицкоски: Борбата против сајбер хибридните напади е заштита на суверенитетот на државата

Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Предизвик е да се ангажираат експерти од ИТ сектор во државните институции со оглед на разликата во висината на платите во однос на приватниот сектор, но Владата ќе преземе чекори за надминување на проблемот, изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски по завршувањето на симулациската вежба базирана на сценарио за сајбер напад. Тој најави и рационализација на администрацијата како и реформи, одговарајќи на новинарски прашања по настанот кој има за цел да ја зголеми свеста за сајбер заканите и да го зајакне капацитетот на Владата за управување со сајбер кризи, а го организираа Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и проектот „Регионална сајбер безбедност во Западен Балкан“.

- Апсолутно тоа претставува навистина голем предизвик за владините институции, но и генерално за институциите, затоа што како државни службеници има начин како да се врши исплатата. Но, еве сè уште има такви патриоти коишто сакаат да работат за државата и по цена на тоа да таа плата биде многу пониска од таа којашто ќе ја ќе ја добијат во приватниот сектор, изјави Мицкоски.

Премиерот се согласува дека недостасуваат ИТ експерти во институциите, нагласувајќи дека има недостаток на архитекти, градежни, машински, електро инженери, економисти и додаде дека Владата со овој предизвик ќе се бори и ќе пронаоѓа начини да ги мотивира. Одговарајќи на новинарски прашања дека Собранието гласало членови на надзорен одбор на агенција за регулирање на железници, претседателот на Владата, рече дека сега има осум функционални воза, но и дека за одредени тела, агенции и медиумите и Владата сега дознаваат. Премиерот истакна дека наредниот период дел од телата ќе бидат укинати, а администрацијата ќе претрпи реформи и ќе се рационализира.

- Се сложувам со вас има институции коишто во периодот што следи ќе бидат ќе бидат укинати, рационализирани, трансформирани итн. Тој чекор полека го почнавме со економските директори, сега најголемиот дел од инспекторатите влегоа во рамките на самите министерства, ќе има рационализација и во администрацијата, итн. итн. Периодот којшто следи ќе бидеме сите сведоци на ваков тип на реформи коишто ќе ги спроведеме. Тоа е наследена состојба и да во периодот којшто следи не само оваа тело туку има и други тела коишто ќе бидат резултат на реформите и коишто не ги знаете којшто ние ги дознаеме секој ден вака да бидам искрен, изјави премиерот.

Мицкоски присуствуваше во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром во објектот на Воената Академија „Михајло Апостолски“ каде беше симулиран сајбер хибриден напад и свечено беапредадени минимум сајбер безбедносни стандарди за владините институции на кои се работеше во соработка со Амбасадата на Обединетото Кралство. На работилницата, освен Мицкоски, се обратија и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон и Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон рече дека сајбер заканите растат и се закана за економиите и стабилноста, начин на живот.

- Обединетото кралство ја поддржува вашата земја во одговорот на овие закани и заедно работиме на моделирање на соодветен одговор, а ова претставува всушност акција на НАТО сојузници и заеднички потфат, рече амбасадорот.

Во својот говор, министерот за дигитална трансформација ја истакна критичната важност на сајбер безбедноста во денешната дигитална ера, нагласувајќи дека светот постојано се менува.

-Пред 15 години симулациите за воени напади ќе претпоставуваа исклучиво напади преку копно или воздух – авиони, нуклеарни напади, војска или тенкови. Денес, тоа е во сајбер просторот, но со потенцијални реални и штетни последици. Пред 15 години, електронските системи страдаа од лоша употреба, незнаење или системски недостатоци. Денес се цел на стратешки хибридни воени напади од државни и недржавни ентитети. Оваа симулациска вежба ја тестира нашата подготвеност, но и ја одразува нашата детерминираност да ја зголемиме нашата отпорност и да ги зајакнеме темелите на националната и регионалната сајбер-безбедност, преку соработка, помош и поддршка, рече Андоновски.

И за Мицкоски вежбата и искуството од стратешките партенери во справувањето со сајбер заканите е позитивна поука што треба да се преземе, идните чекори за да се заштитат институциите. Тој нагласи дека е потребен организиран пристап во справувањето со заканите за да институциите не се снаоѓаат поединечно. Претседателот на Влдата најави дека ќе се формира примарен центар на податоци за сите институции, а за Владата приоритет е и дигитализацијата на државата.

- Огромен приоритет и фокус на сето тоа и се обидуваме да нешто што можеби во минатото било погрешно направена да го коригираме, ние имаме една чудна состојба. Имаме рикавари секундарна заштита, односно центар на податоци или познат како дата-центар којшто практично служи за поврат на изгубените податоци при сајбер-напад, а немаме примарен дата центар и најголемиот дел од институциите и серверите користат аутсорсинг, така што да бидам по попрецизен секој се штити како знае и умее, а тоа не е организиран пристап. Имаме фокус тука ставено да се создаде еден таков примарен центар на податоци или дата центар којшто потоа ќе биде нормално заеднички е поврзан со институциите на државата. И да бидеме поефикасен и сето тоа и сето тоа е во рангот на приоритетите и што како како целокупната безбедност во државата, така што мислам дека во периодот којшто следи имаме и тука еден голем предизвик тој е веќе ставен во приоритетите на, на планот за раст којшто очекуваме и финансирање помош од страна на ЕУ, така што сето ова сето ова е делот безбедноста на државата и ние како влада имам одговорност да таа безбедност ја обезбедиме, бидејќи на тој начин го штитиме суверенитетот на Македонија како држава, изјави Мицкоски.

Поддржана од Владата на Обединетото Кралство и Британската амбасада во Скопје, симулациската вежба послужи како чекор во имплементацијата на приспособени решенија, механизми и стандарди за сајбер-безбедност за државните институции. Напорите се дел од пошироката регионална иницијатива за подобрување на отпорноста и безбедноста на Западен Балкан. За време на настанот, учесниците се вклучија во дискусии и практични вежби наменети да го подобрат сфаќањето за хибридните и сајбер заканите. Симулацијата, ја тестираше подготвеноста на институциите за управување со сајбер инциденти. Настанот означува еден од клучните чекори во напорите на земјата да ги зајакне своите капацитети за сајбер одбрана и ја поставува основата за посигурна и поотпорна дигитална иднина. ам/аа/

Фото: МИА и Влада

 

Остани поврзан