• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Барањата на турските бизнисмени се логични и очекувани, вложуваме максимални напори тоа да биде реализирано

Мицкоски: Барањата на турските бизнисмени се логични и очекувани, вложуваме максимални напори тоа да биде реализирано

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Дозволи за работа за работници од надвор, дозволи за градење, се дел од барањата на турските бизнесмени кои ги истакнале на денешниот Бизнис форум „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека искажаните барања на турските бизнесмени се логични и не се надвор од очекувањата.

-Логични се барањата. За дел од барањата веќе се работи, веќе се во процес. Генерално дозволи за работа за работници од надвор, дозволи за градење, што се нашите приоритети. Мислам логични барања, не е нешто коешто е надвор од она кое што е логично и како Влада правиме и вложуваме максимални напори сето тоа да биде реализирано и мислам дека дел од тие работи веќе се реализираат. За дел до крајов на годината, така што не беше нешто надвор од очекувањата, рече тој.

Мицкоски зборуваше за состојбата во која ја затекнале државата од претходната власт. 

-Состојбата  која ја затекнавме тој 24 јуни беше состојба во која што државата едноставно слободно паѓаше. Во динамиката има една лекција слободно паѓање. Сега треба да видиме како да го сопреме тоа слободно паѓање. Мислам дека во овие пет месеци барем слободното паѓање го сопревме и полека почнуваме да доаѓаме до точка нула. Не да се развиеме од нула нагоре, туку да доаѓаме до точка нула. Очекувам дека до крајот на годината ќе ја допреме таа точка нула  и ќе почнеме со новиот буџет да почнеме да водиме реформски политики кои ќе значат додавани вредности во самата економија. За првпат после долго време состојбата на буџетот во месец октомври е во суфицит. За првпат имаме 1 милијарда и 125 милиони денари суфицит во буџетот. Тоа не е некоја голема сума. 

Премиерот нагласи дека сега се дојдени во состојба во која што можат да креираат планови како ќе работат понатаму. Нашата цел, рече Мицкоски, е оној недостаток кој го имаме како држава која не излегува на море, да го претвориме во наша предност и таа можност ја гледаме три столба да бидеме раскрсница или хаб на транспортните коридори, железничките коридори и енергетските коридори. 

Мицкоски потенцира дека до крајот на годината очекува за заврши изградбата на експресниот пат кој што е дел од Коридорот 8 а кој ги поврзува местата Чатал, Длабочица со Крива Паланка, од Страцин до Крива Паланка и да почнат со проектирање од Куманово до Страцин. 

Премиерот истакна дека како Влада ќе се посветат на решавање на домашните проблеми, но, како што рече, фокусот да им биде остварување на стратешката цел.

-За жал, ние и како народ и како граѓани споделуваме можеби слично искуство како и Турција кога станува збор за преговорите со Европската унија и тоа некако како да се претвора во приказна која што нема крај. Ние како народ и како граѓани по тој пат доживеавме многу понижувања, срам, откажувања за таа цел и некако тоа никако да завршува. Старите велат, а тие се мудри луѓе „Дај им прст, рака сакаат“. Ако им дадеш рака, можеби нешто друго ќе сакаат. И ние како Влада рековме во ред ќе се посветиме на решавање на домашните проблеми, но истовремено фокус ќе ни биде остварување на нашата стратешка цел, но достоинствена и тоа го правиме во овие речиси пет месеци откако сме избрани како Влада, рече Мицкоски.

Фатих Улусој, амбасадор на Република Турција во земјава нагласи дека се одлучни во периодот што следи со новата Влада да ги изградат на повисоко ниво билатералните односи и соработка. 

-Растот на билатералниот трговски обем кој актуелно се ближи до една милијарда долари на две милијарди долари. Сметаме дека не е сон, туку цел која ќе може да се реализира во краток рок. Несомнено во оваа насока најголем придонес ќе даде ажурирањето на актуелниот договор за слободна трговија. Исто така, уверени сме дека учеството на македонските компании на мултилатералните средби наречени купувачки мисии организирани од нашето Министерство за трговија со присуство на компании од целиот свет ќе ги развие нашите трговски односи. Расходите за сместување, трансфер и превод на фирмите учесници на програмата се покриваат од страна на нашето Министерство за трговија и заинтересираните компании можат да добијат подетални информации од нашето советништво за трговија во Скопје.  Турските инвестиции нудат можност за вработување на над 10 илјади граѓани. Воедно имаме и компании кои прават физибилити за нови инвестиции и денеска меѓу нас имаме потенцијални инвеститори. Посакуваме македонските власти да ги поддржуваат актуелните и потенцијалните турски инвеститори и да им ги олеснат бирократските процедури на чело со добивање дозволи за работа за вработените, рече тој.

Турскиот амбасадор потенцира дека минатата година близу 200 илјади туристи од Турција ја посетиле Северна Македонија, додека 250 илјади државјани на Македонија ја посетија Турција.

Ајдован Адемоски, претседател на Управниот одбор на Турско-македонската комора – МАТТО нагласи дека Комората со заложбите придонела денес во Македонија да има преку два милијарди долари турски инвестиции, што значи 38 отсто од инвестициите во земјава се од Република Турција. Потенцира дека Комората се залага да донесе што повеќе инвестиции. фф/аа/

Фото: Влада

Остани поврзан