• среда, 25 декември 2024

Мицкоски: Барањата на Петков се ултранационалистички, после неговата изјава не знам зошто воопшто преговараме

Мицкоски: Барањата на Петков се ултранационалистички, после неговата изјава не знам зошто воопшто преговараме
Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - Трите барања на бугарскиот премиер Кирил Петков за отворениот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија се ултранационалистички, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на партијата. - Тие три барања се порадикални и од барањата на Каракачанов. Затоа што он вели вака „Декларацијата од Параментот“ - таа е ултраасимилаторска и хегемонистичка, потоа вели „Бугарите во Уставот“ и конечно на крај викаат „Договорот за добрососедство“. Не знам кој нормален човек од Македонија ова ќе го прифати. Јас не знам дали има таков човек. Па дури и овие кои ние мислиме дека се комплетно отсутни кога станува збор за националните интереси, мислам дури ни тие ова не може да го прифатат, рече Мицкоски. Според него, ова е обид на Петков да ја одржи како таква коалицијата во Бугарија со, како што вели, „ултра радикален национализам“. - Се гледа дека човекот политички лута, од тоа што се претставуваше како либерал со отворени сфаќања, сега да тврди ултра националистички барања. Нормално дека тоа нема да го прифатиме. Додека не видиме гаранции на маса со кои се поништува резолуцијата од ноември 2019 година, додека не добиеме еден документ за да имаме основа да дискутираме за се останато, не ја гледам поентата на тие преговори. После оваа изјава негова не знам зошто воопшто преговараме, нагласи Мицкоски. мс/бк/

Остани поврзан