• четврток, 07 ноември 2024

Мицкоски: Ако има индиции за кршење на работничките права, да се видат доказите и да се реагира

Мицкоски: Ако има индиции за кршење на работничките права, да се видат доказите и да се реагира

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите во однос на информаците од „Гласен текстилец“ дека во изминатиот период е евидентирано кршење на работничките права и непочитување на Законот за недела неработен ден рече дека доколку навистина има такви индиции, треба да се видат доказите и да се реагира. 

- Ако навистина има такви прекршувања за кои што говорат од „Гласен текстилец“, треба под итно да седнеме и да видиме кои се доказите и веднаш да разговараме. Не е тоа само локална тема. Тоа треба да биде и национална тема, рече Мицкоски. 

Претседателката на „Гласен синдикат“ Кристина Ампева денеска на прес-конференција информираше дека изминатиот период е евидентирано кршење на работнички права во Штип, Битола, Свети Николе и Македонска Каменица. Дел од работодавците, како што посочи, не го почитувале Законот за недела неработен ден.

– Во Македонска Каменица имаме случај работниците да работат по 3 пати во неделата по 11 часа, вообичаено по осум часа, сепак се заведува дека работат само два часа дневно, односно, 10 часа неделно, што воопшто не е точно. Денеска е испратен инспекциски надзор поради ова. Во Битола, работодавец решил дека треба да има непријавени работници и дека треба да ги држи затворени да работат прекувремена работа, на што веќе се реагира и се прават инспекциски надзори, рече Ампева, посочувајќи дека до нив е пристигната реакција и од работници за во Свети Николе. бт/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан